Груевски: Наместо негативна кампања нудиме огромен број на реални проекти

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица Никола Груевски, од вечерашниот голем митинг во Скопје се обрати до неопределените, до малдите, пензионерите, земјоделците, работниците, бранителите, до бизнисмените, претприемачите, сопствениците на компании, до поддржувачите на СДСМ, но и до сите граѓани на Македонија.

-Сакам да се обратам до неопределените.

Има причина зошто сеуште сте неопределени, во нив не гледате алтернатива и покрај се што направија, знаете зошто го прават ова, им ја гледате неискреноста и немањето визија, распродавањето на државните интереси и потценувањето на народот, а нам ни замерувате, сигурно некаде и со право. Погледнете ги јасно понудите, програмите, но и цело сценарио, гласајте слободно и по сопствено убедување, не дозволувајте да работи кои може лесно да се променат и заеднички ќе ги менуваме, да ви ја попречат големата слика и притоа да не го видите она што може да и се случи на државата- вие ја сакате оваа држава и вие знаете што е подобро.

-Сакам да се обратам до оние кои размислуваат да гласаат за помалите партии кои одат сами или во мали коалиции.

Помалите коалиции се направени наменски со цел да не нагризат нас, мислејќи дека така може да бидеме ослабнати, но секој ден на терен се потврдува нешто друго, народот ова го има прочитано и затоа поддршката за нив ќе биде минорна. Тие нема да имаат ниту еден пратеник, а вашиот глас со тоа ќе отиде во празно, односно ќе отиде во прилог на оние кои се заговорници на ова сценарио во соработка со опозицијата. Ако гласате за помалите коалиции исто како да сте гласале за опозицијата, нив ги раководи и поддржува ист центар. ВМРО ДПМНЕ е во вашите срца и самите знаете кој е вистинскиот пат. Ова не е прашање на личности и раководства на партии туку прашање за Македонија, а кога Македонија е во прашање, ВМРО е секогаш обединето и единствено- заедно со народот на Македонија.

gruevski-miting-skopje-640x332

-Сакам да се обратам до пензионерите.

Со нас имате извесност и сигурност. Со нас знаете на што сте. Пензиите ќе се зголемуваат и ќе се грижиме за вас преку различни мерки, проекти, ќе ви овозможуваме да уживате во староста и пензионерските денови и во заслугите кои ги имате за нашата земја.

-Да се обратам и до младите.

Заеднички ќе работиме на иднината на нашата татковина, со вас ќе дискутираме за предизвиците и ќе ги решаваме проблемите, и заеднички ќе изнаоѓаме решенија. Вие сте нашата иднина, и вие ќе учествувате во нашите одлуки. Вам ви треба перспектива, можности, нови работни места, подобар стандард, опозицијата тоа не може да го обезбеди, знаете и самите, како што знаете дека ние можеме. Ако сте толку млади, и пред 10 години сте биле во години кога не сте следеле политика, тогаш кога СДСМ беше на власт, прашајте ги Вашите родители, роднини, дедо, баба, повозрасни пријатели, што СДСМ направи за нив кога тие беа на власт, кога мнозинството народ им веруваше и им даваше доверба, кога ветуваа по еден вработен од семејство, кога пропаѓаа опљачкани штедилници, кога се затвараа фабрики или партиските олигарси ги приватизираа, па масовно отпуштаа од работа, распрашајте се да знаете со кого си имате работа, со какви волци, во овча кожа. Прашајте ги колку нови фабрики се отворија, барем една да ви кажат од тоа време, но и колку се затворија. Прашајте ги и за слободата и демократијата, а прашајте ги и што направија за младите, за вработување, за поевтини студирања, за либерализација на визниот режим, дали една спортска сала или училиште се изгради, а посебно прашајте ги за корупцијата и криминалот во тоа време. Јас Ве повикувам, ајде заедно да работиме на подобрување, на иднината.

-Сакам да се обратам и до земјоделците.

Ние сме Ваш традиционален партнер, не нарекуваат, мислеа дека тоа е погрдно, земјоделско народна Влада, но ние се гордеевме со тоа, се гордееме со вас и ќе продолжиме да работиме и да ви помагаме. Со нас сте на сигурно. Ќе ја продолжиме грижата и помошта за Вас, уште посилно во следниот мандат. Стоиме зад Вас, не само во добри, туку и во тешки времиња.

-И до работниците.

Вие, храбриот работен народ на ова држава Вие сте нејзиниот столб. Вие знаете да направите разликата помеѓу лажни ветувања и реални и остварливи проекти. Вие знаете кој може повеќе да сработи за вас и да го подобри вашиот стандард. Кој ја воведе, и кога растеше минималната плата, и во чие време просечната плата дојде од околу 13 до речиси 23 илјади денари. Кој исполни огромен број договорени работи со синдикатите, и кој отвора нови работни места, што директно влијае и ќе влијае на зголемување на платите во приватниот сектор во Македонија.

oo

-Сакам да се обратам и до бранителите.

Тие ве нарекуваа дека сте домашни животни, се сеќавате, лавови, тигри и други работи. Ние се гордееме со вас, со сите вас и ја знаеме вашата вредност за нашата заедничка држава. Вие сте херои и така ќе бидете третирани секогаш. Вашето место е со нас, а нашето е со вас. Заеднички ја сакаме државата и можеме многу да направиме за нејзе и нејзината сигурност и безбедноста на нашите сограѓани.

-И до бизнисмените, претприемачите, сопствениците на компании.

Создадовме бизнис клима, која Светската Банка ја рангира како 5-та најдобра во цела Европа, и 10-та најдобра во светот. Македонија стана земја со најниска ефективна даночна стапка на светот, од 7,4 осто, според Бизнис Инсајдер, засновано на податоци на ММФ и Светска Банка. Со проектот регулаторна гилотина ја намаливме бирократијата до минимум. Работиме за Вас, бидејќи ве гледаме како клучен партнер во намалувањето на невработеноста, што е наш приоритет. За оние кои сакаат да направат нови инвестиции во следниот период, преку проектите Рурални развојни зони, рестартирање на компаниите – Жртви на транзицијата и истражувачки развојни центри нудиме неповторлива можност за инвестиција со најмали можни трошоци и голема финансиска поддршка од државата.

-Сакам да се обратам и до нашите соседи, пријатели и сограѓани кои се членови на СДСМ.

55

Знам дека имаме огромни разлики, знам дека можеби и кај некој од Вас има огромна омраза кон нас, и обратно, кај нашите членови кон вас и вашето раководство. Тоа не е добро. И сите ние имаме своја одговорност во тоа. Јас ќе се трудам во идниот период по изборите, да го намалам јазот помеѓу Македонците, помеѓу граѓаните на Македонија, и поделеноста по партиска линија.

-Но, сакам да Ви се обратам денес лично и директно на вас поддржувачите на СДСМ.

Ве молам размислете добро што и кого поддржувате. Меѓу членовите на СДСМ има искрени луѓе и патриоти кои си ја сакаат сопствената држава, ние го знаеме тоа. Многу од Вас имате традиција на поддржување на СДСМ, но знам дека не ви е и на Вас пријатно кога го слушате сегашниот претседател на СДСМ, како ги распродава националните интереси, и не го поддржувате во неговите намери. Знам дека Ви е сосема јасен неговиот план, и целото ова сценарио на кое овие две години е жртва сиот наш народ, вклучително и Вие. Ссакам да апелирам до Вас, Ве молам добро размислете за кого ќе го дадете Вашиот глас, направете разлика, и на овие избори, и на овие избори, помеѓу Заев и Македонија, одберете ја Македонија. Суверена, самостојна, унитарна, за која се бореле и Вашите предци, и за која и Вашите предци, заедно со нашите знаеле да се обединат кога ќе виделе некоја закана за државата. Ние ќе ги подобриме некои наши слабости во наредниот период, и можете да сметате на нас.

Докажавме дека не остававме никого, и докажавме дека знаеме да ги отвориме вратите за сите, дури и за оние кои ни биле жестоки не истомисленици. Помирување мора да дојде, а што ако не интересот на Македонија треба да биде столбот околу кој ќе се обединиме сите.

-Сакам да ви потенцирам на сите вас граѓани на Македонија.

-Има, не 101 туку повеќе од 1001 причина зошто да не гласате за опозицијата, но ние не ве труеме со таква негативна кампања, нивната омраза и деструкција говори за нив, ние ви даваме над 500 страници полни со причини во нашата програма зошто да гласате за нас. Ние нудиме огромен број на реални проекти и мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.