Груевски: Народот на избори решава кој е власт, а кој опозиција

Декларација за ненасилно правење на протести беше усвоена на денешната лидерска средба на која присуствуваа лидерите на четирите политички партии во земјава, а како набљудувачи присуствуваа и амбасадорот на САД, Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав.

-Денеска како што и самите бевте сведоци имавме разговор претседателите на четирите партии кои имаат најголема поддршка од граѓаните, на којшто разговор усвоивме една декларација за ненасилно правење на протести или било какво други собирања. Исто така разговаравме и за други теми, имаше различни идеи и предлози и на крајот договоривме да се видиме уште еднаш, истакна премиерот Никола Груевски по средбата.

Премиерот рече дека не размислува да си поднесе оставка, како што бара опозицијата, а на новинарското прашање дали ќе следуваат и други оставки на членови на Владата рече дека засега нема такво нешто.

Груевски потенцираше дека народот на избори решава кој е власт, а кој е опозиција.

Според него, тешко е да се даде кфалификација, дали оваа средба билауспешна или не.

– Ако сакате да гледате спрема декларацијата може да се толкува како успешна, а ако гледате во некои други работи може да се толкува како неуспешна. Рано е да се даваат квалификации од таков тип- рече Груевски.

Лидерите на најголемите четири политички партии во земјата ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи закажаа повторна средба во понеделник во 13:30 часот.