Груевски: Народот одлучува на избори, затоа СДСМ и Заев се плашат

Лидерот на владејачката партија, Никола Груевки денеска промовираше уште седум нови проекти наменети за младите лица.

Груевски потенцираше дека додека ВМРО-ДПМНЕ промовира проекти и се залага за доброто на граѓаните, политичките опоненти времето го трошат на обвинувања, заткулисни сценарија, манипулирање и скандали.

-Барем една десеттина да посветеа на нешто позитивно, ќе излезеше нешто прифатливо. Разликата меѓу нив и нас е очигледна и повеќе од видлива, нивната деструкција нема на народот да му ги реши проблемите, да му најде работа, проекти со кои се решаваат проблеми, но треба да им е јасно дека колку СДСМ и да се труди да ја носи државата наназад, и во поголема криза ние имаме одговорност да ја носиме напред кон сигурна иднина, одговорност која ја имаме пред сите граѓани и одговорност која ќе ја исполниме. На изборите народот одлучува, затоа СДСМ и Заев се плашат од избори. Нивниот главен страв е одговорот од граѓаните кои знаат точно што се прави. Изборите ќе бидат одговор кој СДСМ ќе го добие не од ВМРО-ДПМНЕ туку од граѓаните на Македонија, одговор кој ќе биде громогласно НЕ за сите нивни манипулации, афери, закани, опструкции, подметнувања, сплетки, најави од Заев за притвори, на се она што е измислено заради политички амбиции и ќе каже големо ДА за работа, програма и брз развој, забрзување на темпото на работа и реализација на тековните и други проекти. Македонија ќе ја победи и оваа наметната криза, убеден сум во тоа зашто верувам во силата на граѓаните и на народот. На секоја провокација и закана од СДСМ нашиот одговор е работа, проекти и заштита на интересот на граѓаните и државата, тоа е одговорноста која ја имаме пред граѓаните и ја исполнуваме. Така ќе продолжиме, ќе промовираме нови проекти и мерки за граѓаните, вниманието е насочено кон работите кои им помагаат и ги решаваат проблемите во здравството, културата, инфраструктурата, еконмоијата, образованието… Ние немаме друг начин освен Македонија да оди напред. Заедно ќе создадеме уште многу нови дела, ќе продолжиме со успеси и ќе успееме, истакна Груевски.