Груевски: Нашиот приоритет останува развојот на економијата и отворањето на работни места

Нашиот приоритет останува развојот на економијата и отворањето на работни места. Тоа се резултатите на нашата работа и тоа е разликата меѓу нас и останатите. Продолжуваме понатаму да придонесуваме за граѓаните и градењето на стабилна и сигурна иднина, напиша меѓу другото претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по повод стартувањето со работа на „Ки сејфти системс“ и поставувањето камен темелник на турската компанија Атајмач.

gruevski-kss-facebook

Одлични вести поврзани со инвестициите и отворањето на нови работни места. Првата е официјалното стартување со производство на американската инвестиција Key Safety Systems и втората поставување на камен темелник на инвестицијата на турската компанија Атајмач.

Стартувањето со работа на КСС преставува значајна поддршка на Кичево и Кичевчани како и луѓето од околните населени места и општини кои сега ќе најдат сигурна егзистенција. Инвестицијата е вредна околу 15 милиони долари и ќе се отворат 1 000 нови работни места. Тоа се 1000 вработувања за Кичево и кичевчани, тоа ќе значи сигурна плата и нови можности за вработените. Република Македонија добива фабрика каде ќе се произведуваат со врвен квалитет воздушни перничиња, како и други компоненти од безбедносната заштита од сферата на автомобилската индустрија применувани во познати светски брендови Jaguar, Bmw, Audi, Toyota, Porsche, Volkswagen, Suzuki, Fiat, Skoda и други. Процесот на преговори и иницијалниот контакт со КСС започна во есента 2007 година, за во 2014 година да биде донесена и објавена одлуката за инвестирање. Макотрпен процес во кој одлучувачки беа одличните услови за правење на бизнис, ниските даноци и ангажманот на владата. Ова покажува дека визијата, истрајноста, вложениот труд и упорноста се исплати, а тие резултати се видливи.

Втората инвестиција е камен темелникот на турската компанија Атајмач во општината Илинден која инвестира во откупно дистрибутивен центар за земјоделски раноградинарски производи. За таа намена инвеститорот откупи од општината земјиште со површина од 87 илјади м2, во индустриската зона Илинден, при што низ повеќегодишен план ќе бидат инвестирани 10 милиони евра, а во првата фаза ќе има до 100 вработени. Освен отворањето на нови работни места, оваа инвестиција е значајна и за македонското земјоделие во насока на обезбедување на стабилен откуп и дистрибуција на земјоделските производи. Со менаџментот на компанијата Mach груп имав можност да се сретнам во септември 2014-та година за време на бизнис форумот во Анкара. Оттогаш до сега тие контакти, но и вложениот труд на градоначалникот на Илинден Жика Стојановски вроди со конкретни резултати.

Нашиот приоритет останува развојот на економијата и отворањето на работни места. Тоа се резултатите на нашата работа и тоа е разликата меѓу нас и останатите. Продолжуваме понатаму да придонесуваме за граѓаните и градењето на стабилна и сигурна иднина, напиша Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.