Груевски не ги менува позициите и има висока европска поддршка

атина

Меѓу извештаите на грчките медиуми во пресрет на предвремените избори во Македонија, доминираат информациите за водството на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на сите досега спроведени анкети, како и поддршката што шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц неодамна ја искажа со присуството и говорот на централниот митинг во Скопје.

Дури и во Скопје, господинот Груевски, кој што нормално, не ги менува своите позиции, туку и го засилува тонот во пресрет на изборите на 11 ти декември, има висока европска поддршка. Не е случајно тоа што на централниот митинг присуствуваше и ги поздрави присутните австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, кој што го координираше првото затварање на грчко-скопската граница, заробувајќи на грчка територија илјадници мигранти и кој што неофицијално, границите на Скопје ги претвори во надворешни граници на Европа, се вели во текстот на грчкиот портал „Либерал“.

Порталот информира и дека на средбата на Вишегратската група од пред два дена, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас го откажал учеството поради тоа што грчките забелешки не биле земени во предвид.

Овој потег ја потврдува маргинализацијата на Грција дури и на Балканот, иако пред неколку години беше витално место и е неоспорна европска локомотива за целиот регион. Вишегратските земји (Полска, Словачка, Унгарија и Чешка) доведоа до потценување на договорот постигнат меѓу ЕУ и Турција за мигрантите, одбивајќи примена на квоти за релокација на бегалци од Грција и Италија. Овие земји и први побрзаа да го поддржат Скопје за затварањето на границата со Грција, со цел да го запрат мигрантскиот тек низ балканскиот коридор. На прес конференцијата на министрите од Вишеград, беше искажана полна поддршка за европските аспирации на шесте земји од западен Балкан, Црна Гора, Србија, ПЈРМ(учествуваше како Македонија), Албанија и Босна и Херцеговина, кои што беа претставени од министрите за надворешни работи, се вели во текстот.

И грчката државна телевизија ЕРТ извести за присуството на Себастијан Курц на централниот митинг на владејачката партија, нагласувајќи дека тој ја поддржал европската перспектива на Македонија, а се заблагодарил и за соработката околу мигрантската криза.

ЕРТ информира и дека покрај тоа што опозицијата го обвинува Груевски за големи политички и финансиски скандали, како и за нелегално прислушување, тој сеуште го држи кормилото во земјата и неговата партија води пред опозицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.