Македонија

Груевски: Не калкулирам со националните интереси

Груевски: Не калкулирам со националните интереси

Техничка влада нема да прифатам, изјави премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција. Tој одговарајќи на новинарско прашање потенцираше дека нема да има ниту предвремени избори.

Лидерот на опозицијата, рече тој, ќе мора да помачи со избори, со идеи и со памет да ги добие изборите.

– Со сила и на ваков начин не се добиваат избори, рече Груевски.

Во рамки на своето обраќање премиерот рече дека неговата цел не била да го замолчи Заев или да го спречи објавувањето на снимките и оти тогаш логично би било да ги прифати неговите уцени и барањата за техничка влада.

– Но јас тоа не го направив. Овдека играта не е Зоран Заев, тој е само еден најобичен инструмент, камиказа, овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени, тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата да калкулирам за националните и државните интереси. Сите факти и околности треба, и верувам ќе се утврдат низ транспарентната и објективна постапка, истакна Груевски.

Апсолутно е неточно, посочи тој, дека на средбите сме прифатиле техничка влада.

– Ако прифатев таква работа тогаш зошто СДСМ не се врати во Собранието, бидејќи тоа беше нивниот главен услов. Се работи за класична манипулација, потенцира тој.

Државата, рече тој, се грижи за функционалноста на безбедносниот систем и најдобар одговор на ваквиот вид обиди е токму оваа реакција на институциите и покренување на процесните дејствија за расчистување и расветлување на околностите поврзани со случајот со прислушувани телефонски разговори.

И во Германија, па дури и во Америка, вели тој, имаше ваков пробив на безбедносниот систем. – Ние реагиравме соодветно и лицата кои го направија ова се фатени. Тоа е многу важно, потенцира премиерот.

фото:МИА