Груевски: Не сакаат странски инвестиции зашто треба да ги зголемат платите на работниците

Тие одат директно спротивно на волјата на народот и тоа го прават свесно. Нив не ги интересира што мисли народот бидејќи се свесни дека народот и не ги донесе на власт, ама народот и ќе ги симне, и тоа ќе почне на 15 октомври, порача денеска од митингот во Битола лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Народот ќе си го каже своето мислење и за секојдневната демагогија, од тип дека ќе донеле воздух во Берово. За Берово многу работи можеме да кажеме дека недостасуваат, ама за воздух тешко дека може некој да каже, истакна Груевски.

Според него, народот нема да остави, да не го казни потценувањето на неговата интелигенција.

-Секојдневните обиди помрачувањето што ни го направија, безидејноста, хаосот што го направија да го прикријат со секојдневни обиди и хајки и политички прогони против неистомислениците. Па што ручал некој министер пред две години, па што вечерала некоја министерка пред три години, а и тие ручаат и вечераат сега, потенцира Груевски.

Нагласи секојдневните притисоци врз медиуми кои, како што рече, се очигледни. Груевски вели дека медиумите се притиснати од страна на власта.

-Народотот ќе си го каже своето мислење и за притисоците на медиумите и за притисоците врз судиите. Над 15 кривични пријави против 15 судии за 15 дена, против судии кои треба слободно и независно да судат. Притисоци врз администрацијата која треба да ги следи нивните упатства и незаконски да работи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Истакна дека власта исто така врши притисоци кон странските инвеститори и оти ги гледаат како натрапници.

-Знаете зошто ги гледаат така? Затоа што во Владата влегоа луѓе кои што се газди на фабрики и тие не се среќни кога доаѓаат крупни мултинационални компании, вработуваат луѓе, нудат работа и на невработени и на оние што се во нивните фирми вработени. Така ги принудуваат да ги зголемат платите, појасни Груевски.