Груевски: Некои луѓе кога доаѓаат на власт се однесуваат како да ништо не постоело пред нив

Некои луѓе кога доаѓаат на власт се однесуваат како да ништо не постоело пред нив, како да ништо добро не се случило пред нив, како да светот и државата од нив почнуваат, и како да вечно ќе владеат и ќе прават што сакаат. Дека можат секому да му наштетат и за тоа еден ден да не сносат одговорност, и веднаш добиваат нагон да владеат не само со она што им налага функцијата,колку и да не ја добиле заслужено и по нормален пат од изразената народна воља, туку да владеат со се, вклучувајки ги и владеењето со медиумите и судството, но и слободоумниот свет, изјави Никола Груевски во своето обраќање.

-При тоа веруваат дека сите тие чекори, злоупотреби, хајки, лаги, интриги, подметнувања, замајувања, целиот тој налет и наплив на незрелост ќе им помине лесно кај народот, опозицијата и сите останати. Дека ќе  успеат да го продадат како воља на народот, божемно почитување на законите, носење живот, одлука која произлегува од некоја јавна, и се разбира наместена дебата итн. Уште пак ако моментално имаат некоја меѓународна подршка заради одредени ветувања кои ги дале кон надвор, и ако се доволно незрели да веруваат дека сето тоа вечно ќе трае, тогаш имате краток опис на новата вештачки насадена влада во Македонија, која иако излезе поразена од изборите, прифаќајки да одработи тоа што ние не го прифаќавме, ете ви опис за овие нашиве нови донесени властодршци. Сето ова е карактеристика на незрели индивидуи, неискусни политичари и луѓе без визија, кои ги води омразата кон нас, а верувам ќе се согласите, особено кон мене како водач на партијата во 10 последователни победи, цели 11 години, рече Груевски.