Груевски: Некој сака нашата држава и нашиот народ да бидат негови заложници

Некој очигледно има други планови за Македонија. Некој сака нашата држава и нашиот народ да бидат негови заложници, и да го киднапира вниманието и да го насочи кон деструкција, провокации, меѓусебни закрвувања, лоши сценарија за рушење на институциите на државата и на имиџот на државата.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски на народниот собир кој денес се одржува во Битола. Груевски повторно потенцираше дека тоа нема да го дозволат.

-Ние сме на бедемот на кој сите оние кои плетат секакви сценарија ќе се заглават, сите ние заедно сме силата, која знае добро што значи да ја сакаш својата држава, која знае како се работи за државата и народот и што значи да создаваш иднина за идните генерации, потенцираше премиерот.

Груевски додаде дека нивната сила е во народот, и во неговата љубов кон сопствената земја.

-Затоа тие што наумиле да прават лошо се излажале, тие што наумиле да му направат зло на овој народ не ја предвиделе вистинската сила на Македонците, но и на сите останати кои се нераскинлив дел од оваа држава и кои си ја сакаат нашата заедничка татковина.