Груевски: Нема да дозволиме протестите да ескалираат

Демократско право е на секој граѓанин да протестира, но доколку протестите се мирни, тие се дозволени, рече денеска премиерот Никола Груевски, за инцидентите кои се случија изминатите неколку дена низ Македонија по пресудата за случајот „Монструм“.

„Министерството за внатрешни работи засега професионално ја извршува својата работа и нема да дозволиме состојбата да ескалира. Никој не може да забрани мирни протести, тоа е демократско право на секој граѓанин, но протести проследени со насилство нема да се толерираат“, рече Груевски.

Протестите, додаде премиерот, немаат политичка заднина, туку се иницирани од групи и организации кои работат против државата за свои лични или туѓи интереси.

Тој на крајот додаде дека екипите на МВР може во целост да се справат со ситуацијата, бидејќи се обучувани да реагираат за многу посериозни инциденти од овие.

Албанското население првиот протест го одржа во петокот по петочната молитва, а причината за него беа шестте доживотни затворски казни кои ги добија лицата осудени во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковскот езеро за Велигден во 2012 година.