Македонија,Политика

Груевски: Нема сериозни сигнали од другата страна за решвање на проблемот со името

Груевски: Нема сериозни сигнали од другата страна за решвање на проблемот со името

По вчерашната средба на медијатарот Метју Нимиц со државниот врв и неговата изјава дека преговорите кои се водат под покровителство на ОН се однесуваат на името на државата, а не на идентитетот, премиерот Никола Груевски не очекува значаен позитивен пресврт во однос на брзо решавање на проблемот со Грција.

„ Не гледам некои серозни сигнали од другата страна кои упатуваат на тоа дека може да има пресврт. Од  информациите кои што ги имаме,  тие се целосно фокусирани на нивната внатрешна сосотојба и не се занимаваат со ова прашање. Нимиц  ќе има тешка задача. Се надевам дека во блиска иднина ќе има повеќе успех“, истакна Груевски.

По дводневната посета на земјва, Нимиц денеска е во Атина ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

Речиси сите грчки медиуми објавија извештаи за средбите на Нимиц во Скопје, истакнувајќи ја неговата изјава дека „прашањето за името е прашање кое засега многу земји, вклучувајќи ги САД и Германија, и тие сакаат да го видат решено со оглед на случувањата во светот“.

Само некои од медиумите го пренесоа коментарот на Нимиц дека не  преговара за идентитетот.

„Народите си имаат свои идентитети и за нив не се преговара, туку тие ги креираат со своите дела, со својата култура. Оваа земја си има свој идентитет“, рече Нимиц во Скопје.

Ова се осумте барања на Грција за решавање на проблемот со името.

1. За Грција е прифатливо решение само со некој од трите предлози: „Република Северна Македонија“, „Република Нова Македонија“ и „Република Горна Македонија“. Придавката мора да биде единствено пред зборот „Македонија“, а не пред зборот „република“.

2. Грчката страна инсистира на едно име за севкупна употреба, што мора да биде внесено во сите документи – пасошите, личните карти, формуларите, матичните книги.

3. Грција се согласува во знак на добра волја уставното име да се употребува во неформална комуникација во нашата држава, но и со земји-пријатели, но никако во официјална кореспонденција.

4. Атина инсистира придавката да се користи во именувањето на нацијата, јазикот и етникумот, што значи македонскиот етнички идентитет да биде сменет во „северномакедонски“ или „новомакедонски“.

5. Да се промени меѓународниот код МK во зависност од новото име, како и интернет-доменот МK.

6. Во македонските мапи и учебници да не се користат македонските топоними за села и градови во Грција. На пример, Солун би морало да стои како Тесалоники.

7. Грција посакува промена на Уставот преку која ќе се внесе новото име, но нема да инсистира на тоа.

8. Ако Македонија сака преку референдум да го прифати конечното решение, Грција нема да се противи на тоа.