Македонија

Груевски: Немаме избор освен да одиме напред со знаење и учење

Груевски: Немаме избор освен да одиме напред со знаење и учење

Знаењето е константа која носи успех.  Како мала земја, без излез на море, без наоѓалишта на нафта и природен гас…, немаме избор освен да одиме напред со знаење, учење, со развој на сопствените мозоци, на креативноста, со иновации, со развој на претприемничкиот дух, со вложување во себе.

Ваква порака упати денеска премиерот Никола Груевски обраќајќи се на Свечената академија по повод Денот на независноста на Република Македонија во МНТ и праша како ќе го направиме тоа ако сакаме оценки без знаење, ако бегаме од основниот двигател на повеќето науки – математиката и ако се плашиме од тестирање  на нашето знаење.

На денот кога е формирана државата, треба да си го поставиме прашањето, каде одиме како народ, нација, граѓани, општество, колектив, индивидуи. Дали некој верува големите индивидуални и колективни успеси ќе доаѓаат по заобиколен пат и без конкурентни со знаење и креативност индивидуалци, истакна премиерот.

Додаде дека не треба да гледаме да поминеме полесно за нешто што подоцна во животот ќе не направи неконкурентни и цел живот ќе минуваме многу потешко.

За нашиот индивидуален, па и колективен успех, одговорноста е наша. Колку ќе вложиме во себе, толку и ќе добиеме за себе. Се додека опозицијата планира на власт да дојде преку поддршка на незнаењето, ќе имаме проблем. Ве молам тргнете ги рацете од децата, и од младите. Приказната со ЕУ и НАТО е прекрасна. Ама без знаење, без учење, и во таа ЕУ ќе бидеме секогаш на опашката, на дното, најслаби, во подрумот. Секогаш други ќе управуваат со нашите животи и планови. Ајде да свртиме нова страница. Да градиме силни, по знаење и креативност индивидуи, па за 20 години да видите што е силна држава. Да не ги лажe некој луѓето дека ЕУ ќе ги реши сите наши проблеми. ЕУ ни треба, таа е голема шанса, но за тие кои имаат развиен капацитет и знаење да ја искористат. За другите многу малку ќе им смени. Се зависи од нас, потенцира Греувски.

Тој додаде дека екстерното тестериње во училиштата се воведе откако во државата повеќе од една деценија ипол бевме сведоци на необјективно оценување кај огромен број наставници и ученици.

Според него, причините за тоа се многубројни, но, подвлече, коренот е во атмосферата која ја изгради транзицијата, рушењето на основните морални вредности и појавата на новопечени богаташи кои преку ноќ се збогатија и недоволно посветеното време кон своите деца сакаа и почнаа да го заменуваат со притисоци кон наставниците да им пишуваат највисоки оцени на нивните деца независно какво е нивното знаење.

Со тоа, додаде, постигнуваа краткорочно ефект на услуга кон нивните деца, покажување моќ и наводна грижа, а од друга страна несвесно создаваа паразити од нивните деца, луѓе со лоши животни навики пред се за добивање нешто без заслуга, туку по нечесен и заобиколен пат, и непријатности низ целиот нивен живот заради недоволното стекнато знаење.

Обраќајќи се пред присутните потенцира дека не е трагедија ако некое дете има некоја четворка, тројка, двојка, па и единица некогаш, ако тоа е израз на реалноста и реално вложениот труд. Пониската оценка, смета тој, треба да е аларм за родителите да се посветат повеќе на детето во правец да му помогнат или на некој начин да го поттикнат повеќе да научи, а не аларм, истакна, да бркаат врски и да вршат притисок на наставниците за да добијат незаслужени отценки.

Пред некој ден случајно разговарав со еден пријател кој средното училиште го има завршено во Франција. Вели, завршив основно во клас во Македонија во кој од 30 ученици, 25 бевме со сите петки. Кога отидов во средно училиште во Франција, не растурија од  континуирано тестирање. Бев шокиран од континуираните тестирања. Потоа на факултет полагал и државен испит во Франција. Но, кога завршил, и почнал да оди на интервјуа за работа во познати мултинационални компании, тестирањата му биле рутина и лесно ги поминувал. А тука кај нас ми вели, се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето со цел да се врати времето на реално отценување, рече премиерот.

За екстерното тестирање посочи дека не е совршено, оти во изминатите години е подобрено и се работи на нови подобрувања, но, како што рече, најмногу разочарува што политичите партии, опозицијата, сака и од оваа тешка борба за помош на новите генерации да станат поуспешни и посреќни во животот со менување на некои наследени лоши навики, со повеќе учење и пред се знаење, да исполитизира и сето ова да го користат во политичко партиски цели.

Многу е опасно кога учениците и родителите неодговорно ги гледаш како бројка на гласачи на кои треба да им се угоди за да гласаат за тебе, дури и кога правиш чекори со кои на долг рок им одмагаш, а тие во моментот не се свесни за тоа. Ако и ние се вклучиме во таа битка, и почнеме да се натпреваруваме која партија ќе овозможи полесно земање диплома без знаење, каде ќе оди државата. За каков напредок ќе зборуваме, и за каков квалитет во образованието, истакна премиерот и апелирање основните вредности да не се предмет на политичко подкусурување и собирање ситни политички поени, истакна Груевски.

Основните вредности, смета тој, се столбот на општеството и не смееме да ги рушиме. Загрижувачки е, посочи Груевски, отпорот на дел од народот кон знаењето и учењето.

Мошне загрижувачки. Особено оној на дел од родителите. Формирањето на партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството, рече Груевски.

Тој додаде дека отпор од опозицијата преку пленум се појави и за математиката да се воведе како задолжителна на матурскиот испит, нешто што е во прв плат во сите напредни земји во Европа и во светот.

Премиерот Груевски отворено го постави прашањето, зошто во безмалку цела Европа математиката е задолжителна на матурскиот испит, а во Макеоднија не смее да биде.

Зошто никаде опозицијата ова не го користи како алатка за политичка битка. Зошто во ниту една друга држава нема протести против математиката на матурски испит. Зошто нешто што е нормално во другите држави кај нас не е нормално. Зошто некој мисли дека владата сака со тоа лошо да им направи на матурантите, и зошто би им правела лошо. Зошто владата би се изложувала на политички ризик, ако не е научно докажано дека математиката ги развива центрите за логика и рационално размислување кај секој човек, и е предуслов за успешност во најголемиот број струки кои во иднина може да ги одбере матурантот, потенцира премиерот.

Потсетувајќи на измените на Законот за администрација, рече дека за секој кој сака да се вработи во администрацијата предвидува тестирања на знаењето, на психолошкиот профил и интегритетот и слично.

Тестирањето е обмислено на начин што без знаење нема никаква шанса да се избори пласман во врвот на ранг листата. Повеќе нема да биде од помош ни припадноста на етничките заедници, затоа што и кандидатите од различни етнички заедници ќе се тестираат и рангираат на ист начин секој во својата група на етничка заедница. Да, ќе се примаат потребниот број Македонци, Албанци, или Турци, Роми, Власи, Бошњаци, ама ќе се вработат оние кои ќе имаат најдобри резултати на тестирањето. А тестирањата ќе се пренесува во живо, порача премиерот Груевски и нагласи дека не постои шанса за успех по заобиколен пат. Знаењето, порача уште еднаш во обраќањето премиерот, ќе биде единствениот критериум.