Македонија

марш за правдината и татковината Груевски: Неправдата води кон друга неправда

Груевски: Неправдата води кон друга неправда

Неправдата водеше кон друга неправда, насилниот избор на претседателот на Парламентот, со кршење на Уставот, со кршење на законите за Собранието, со кршење на Деловникот за работа, доведе и до обид за носење на неуставен закон за двојазичност на целата држава, со кои се предвидуваат сите оние работи кои премиерот Зоран Заев кажа дека ќе ги нема, а и казни за тие кои нема да се придржуваат, посочи Никола Груевски во неделата на протестот на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ пред Владата.

Груевски притоа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не прифателе такви закони, ниту имаат намера да се согласат со нив, затоа што со нив, како што оцени, дека се нанесува неправда кон сите други припадници на малцинските заедници.

Напомена и дека партијата којашто ја води нема ништо против Албанците, дека заедно живееле и ќе живеат, но неуставни закони нема да бидат дозволени.

„Неправда е украдената волја на граѓаните и украдените локални избори. Тие што со криминал се избрани, со криминал ќе владеат. Неправда е убиениот носител на листа, значи физички се елиминираше човек, се одзема живот. Тука е пукнатиот череп и претепувањето на градоначалникот на Шуто Оризари, како и нападнатиот полицаец од Свети Николе од активисти на СДСМ, кои му ја каменуваа куќата, го тепаа и му ја демолираа колата, додека неговите деца гледале и плачеле“, рече Груевски.

Додаде дека додека патриотите се апсат, за власта не претставуваше проблем да се ослободуваат лица како Красничи, Сејдиу бидејќи им беа потребни за изборите, да им завршат работа. Груевски кажа дека не им било тешко да го уапсат и Едмонд Темелко, кој нема ништо згрешено, а покрај тоа е и тешко болен.

„Имаме убиства и разбојништва на секој чекор, младиот Мартин Јанушев, тоа го плати со живот, а по убиецот се уште со трага, а не знае ни дали ќе се стигне до вистинскиот нарачател, затоа што за него се говори дека е близок до власта“, рече Груевски.

Кажа дека се вратени времињата на 1990-е, затоа што полицијата и власта се партнер на криминалот.