Премиерот Никола Груевски во ексклузивно интервју за Нетпрес говори за приоритетите во следниот период.
Тој истакнува задоволство од потпишаниот договор, со кој се реши политичката криза. Граѓаните треба да очекуваат бенефит од силниот фокус на Владата за реализација на проектите, вели премиерот.
– Навикнат сум на лажната еуфорија која СДСМ ја шири веќе 10 години, дополнува Груевски за Нетпрес и додава дека народот е најсилна гаранција дека ВМРО ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори.
Веќе е постигнат договор за решавање на политичата криза, сега имаме еден период на деескалација на кризата. Може ли една ваша лична оценка, односно едно ваше видување на можностите кои се нудат по склучување на овој договор?
- Јас сум многу задоволен од тоа што се постигна овој договор, затоа што стави точка на еден лош период за државата и лош период за економијата, којшто СДСМ го посакуваше, и којшто донекаде успеа да го постигне, донекаде успеа да напарави мали проблеми во економијата, коишто се надевам сега ќе ги вратиме на вистинска трака. Така што успеавме тој дел да го задржиме. Овој договор обезбедува еден напредок за државата, обезбедува да останат авроатлантските и европските перспективи за Република Македонија, што, пак, носи други свои придобивки, и што е најважно успеавме да го задржиме СДСМ на договорот од 2-ри јуни, а тоа е да се појави на избори, да не бега од избори, туку да се појави и народот да си каже кому му ја дава довербата, а тогаш ќе си каже и зошто ја дава довербата, кога ќе дојде време за тоа. Во секој случај многу сум задоволен што успеавме да се издејствува овој договор, на начин на којшто се издејствува, да се дојде до тоа потпишување, да дојде до деескалација на оваа криза, да останат европските перспективи за Македонија и НАТО перспективите, и економијата да тера во еден нормален тек. Да падне тензијата што народот ја чувствуваше во овој период, што е една нормална тензија кога има една политичка криза, така што дојде до една нормализација на состојбите.
Велите продолжување на проектите и реформите, дали тие беа запрени до сега?
- Не тие не беа запрени, но знаете што, кога има една политичка криза, и кога првиот човек е дефокусиран, како јас еве како претседател на Владата, нормално е да еден дел од моето време го посветам на тоа, на менаџирање на тие состојби на обиди за решавање и невозможно е во исто време тоа време да се троши и за нешто друго, значи ако претходно целиот мој ангажман, целото мое време биле посветени на проектите, да се направат дела, да се исполнат работите што се ветени во програмата, да се завршат работи поврзани со економијата, со отворање на нови работни места, и сега ако тоа време одеднаш мораш да го поделиш на дел за ова истото, но и дел за менаџирање и за решавање на кризата, природно е дека притисокот што доаѓа од врвот од претседателот на Владата, кон министрите ќе биде делумно намален. Тој делумно намален притисок кон министрите се рефлектира и надолу, кон администрацијата којашто треба и да ги заврши сите тие проекти. Така што не запреа проектите, тие се одвиваа во меѓувреме, но не со тој интензитет, со којшто јас посакувам, и со којшто мислам дека може да се движат. Сега откако сето тоа се надмина, се враќа интензитетот, се враќа притисокот од врвот, којшто се рефлектира по вертикала надолу, до целата администрација, и работите ќе добијат онаква динамика, каква што јас посакувам и каква што мислам дека треба да има и каква што имаше до пред појавата на оваа криза. Инаку, и за време на кризата, се одвиваа проектите, цело време останавме посветени на овие над 2.000 проекти, коишто ги имаме ветено во нашата програма, но сега тоа ќе биде со позајакнат интензитет.
Честопати го истакнувате акцискиот план за европски реформи.
- Да, ние веќе работиме, и додека не беше решена кризата, ние веќе бевме посветени на решавање на прашањата што беа отворени од извештајот на Европската комсија, коишто ни беа посочени. Значи не седевме, не чекавме СДСМ да деескалираат со нивното однесување, да се врати во работните групи. Ние веќе имавме формирано работни групи, во коишто трите најголеми партии учествуваа, а сега ќе почне да учествува и Социјал-демократскиот сојуз, така што ќе останеме посветени на решавање на најбитните препораки коишто ни беа дадени, да ги завршиме во најскоро време, со што ќе обезбедиме повторно позитивен извештај на Европската унија и ќе ја задржиме препорката. Тоа останува во фокусот на нашето внимание. Добро е што сега и СДСМ ќе се приклучи, за да после нема од нивна страна, вака или онака дека нешто не биле прашани, или консултирани и т.н., сега ќе си бидат во таа група, ќе ги слушнеме и нивните укажувања, веројатно ќе има и компромиси за некои од прашањата коишто ќе се дискутираат и тоа е добро, и е добар сигнал и кон Европската унија, кога сите четири партии на некој начин се вклучени во процесот и процесот ќе добие на своја посилна динамика, така што тој треба да резултира прво со издигнување на стандардите во секое поле, а второ и со задржување на препораката на Македонија за Европската унија, што ги остава отворени нашите европски перспективи. Инаку, што се однесува до СДСМ, тие веројатно повторно ќе се обидуваат да креираат некакви помали тензии или поголеми тензии, бидејќи друго и незнаат нешто посебно да работат, тоа е стилот на нивното работење, тие секогаш се обидувале преку создавање на некаква криза да дојдат на власт, да се доберат до власта. Така што ние не треба да бидеме изненадени ако и понатаму, можеби не од ваков голем калибар, но некој помал калибар, се обидуваат да го дефокусираат нашето внимание, да се оттргнеме од секојдневните проекти, да ја намлиме динамиката на тие проекти, но ние сето тоа внимателно ќе го следиме, ќе го менаџираме, и нема да дозволиме да така лесно не’ оттргнат од зацртаниот пат на решавање на проблемите на граѓаните, пред се’ решавање на економските проблеми и отворање на нови работни места, работење да се зголеми стандардот, пензиите, платите, субвенциите на земјоделците, стабилноста на државата, привлекување на инвеститори… Ќе останеме посветени на тоа колку и да тие ќе се обидуваат тоа да го намалат, тој интензитет и фокус на овие работи.
Во однос на функционирањето на СДСМ. Од потпишувањето на договорот СДСМ почна една еуфорија, преку која на свој начин го претставува тој договор.
- Знаете што. Тоа е еден од стиловите на СДСМ во сите овие години зад нас. Тие девет-десет години дигаат еуфорија, и толку во исто време губат. Девет избори изгубија. Дури во некои од изборите, пред самиот крај на резултатите беа во еуфорија. Јас се сеќавам во една прилика, незнам на кои избори беше…јас живеам многу блиску до СДСМ, значи комшии сме со СДСМ, таму кајшто живеам во Кисела Вода сме непосредни комшии, воздушно на 30-40 метри, и тие до 10 навечер, 11, славеа. Веќе ние ги имавме резултатите дека губат, а тие слават. Во десет и пол уште славеа, ечеше музика. Така што познат ми е тој концепт. Битно е да се слави, битно е да се има еуфорија, битно е да се испрати сигнал до гласачите дека нешто се во предност, дека водат, дека ќе победат, дека сега еве нова власт ќе формираат и т.н. Тоа ќе си го кажат граѓаните на 24 април. Тие ќе го дадат својот суд, за сето ова што и се правеше на државата и на целиот народ, бидејќи народот е заложник во сиот овој период. Тие не’ знаат и нас и нив, ме знаат и мене во сиот овој период и во добри времиња и во тешки времиња, кога сме задржале стабилност кога имало најсурови кризи, и во светот и во Европа, некои од нив како што не се паметат, не’ знаат и во добри времиња, кога немало такви кризи, кога сме имале најголеми растови во економијата, не’ знаат во секаква варијанта, и нас и нив. И народот ќе си го каже своето. Нека летаат сега, нека глумат радост, нека глумат еуфорија. Ќе дојде време, работите ќе си дојдат на сове место.
Кога сме веќе кај изборите, велите дека очекувате голема победа на ВМРО ДПМНЕ во април, на што го темелите вашиот оптимизам?
- Оптимизмот го темелам на довербата во народот дека знае да направи вистински избор. Ние работиме многу. Ние испорачуваме тоа што сме го ветиле. Ние држиме до дадениот збор. Ние имаме програма, којашто ја реализираме. Имавме и други власти во минатото. Нипто од ова го немаше. Народот памти. Народот следи. Народот расудува. Тоа не значи дека сме идеални, дека немаме одредени грешки, дека немаме слабости, пропусти, дека нешто неможело поинаку, подобро, побрзо, дека некаде сме направиле некоја погрешна проценка. За среќа немаме стратешки грешки, грешки што неможе да се исправат, но во основа, неспоредливо подобро работиме од она што го има прикажано СДСМ и од она што тие го нудат кога излегуваат на избори. Значи тоа е тоа, ние знаеме видовме дека овој народ знае да расудува, дека знае да направи проценка, дека може да издржи се’. Може да издржи разни негативни, деструктивни однесувања на некого, нмо кога ќе дојдат неговите пет минути, а тоа е денот на избори, знае да направи прецизна проценка кој може да ја води државата напред со најдобра брзина на движење напред, со најдобар интензитет на проекти, на решавање на проблеми, на намалување на невработеност, на отворање на нови работни места, на одржување на стабиност во државата, на одговор на некои безбедносни предизвици коишто повремено доаѓаат, ние сме држава во еден таков регион во којшто повремено неминовно се соочуваме со одредени безбедносни предизвици, на оние коишто прават максимум за земјата да се придвижи и да стане членка на НАТО и на Европската унија. Тоа народот знае се’ добро да си го стави на кантар и кога ќе дојдат изборите да го направи чекорот што треба да го направи. Така што смирен сум и спокоен затоа што знам дека имаме народ што знае да одбере подобра програма и подобар тим, и врз основа на минатите искуства кој како работел, но и врз основа на новата понуда што доаѓа.