Груевски: Ние се водиме од вредности, а СДСМ од личниот интерес и желбата за власт

Ние веруваме во вредности, а не во омраза како СДСМ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во мега интервјуто за Телеграф.мк.

Говорејќи за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Грувски вели дека тој како прво, политичката битка ја има сведено на лична битка со него, а не на платформа за подобра Македонија.

Полн е со гнев и фрустрации кон мене лично, и со лична фиксација. Затоа и губи, и ќе губи. Сè што човек прави воден од омраза завршува со неуспех. Него го води омразата, и не може да се ослободи од тоа. И нема да се ослободи. Посилно е од него.

Мене ме води идеологијата на нашата партија и желбата за напредок и успех на Македонија, за повеќе нови работни места, за нови инвестиции, повисоки плати, пензии, субвенции, повеќе инвестиции во патишта, водоводи, да им се обезбедат евтини куќи на помладите, работа и посреќен живот, во Македонија, вели Груевски.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која покрај проектите, делата и реформите, функционира и на база на идеологија која има свои столбови поврзани со нацијата, традициите, вредности и вредносни критериуми, семејството, заштитата на приватната сопственост, поддршка на сиромашните, помагање на претприемачите, односот кон индивидуалецот и неговата среќа, но и кон народот и државата како причина за наше постоење и дејствување како партија, интегритетот на поединецот и нацијата, образованието, патриотизмот, историјата на нашиот народ и граѓани, иднината на земјата, заедничките цели.

Нашата идеологија е поврзана и со нашето име на партијата и со историјата. Тоа длабоко вкоренето чувство на идеологија е особено важно во периоди на криза и тогаш е основното сврзно ткиво, особено меѓу оние што се во партијата од идеолошки причини.

Кога веруваш во некои вредности и те носи некоја идеологија, подготвен си и на поголеми лични ризици, може и да паднеш од власт, но имаш сила пак да се повратиш и да успееш. Тоа членството на СДСМ го нема, или ако го има, е во минорна димензија. Нив ги води само личниот интерес и желбата за власт, за што се подготвени сè да направат, со секого да се здружат и подготвени се буквално на сè, вклучувајќи и за работи што се антидржавни. Тоа најчесто ги води во амбис. Затоа таму се инфилтрираат различни групации кои не можат да се идентификуваат едни со други, вели Груевски.