Груевски: Ние сме едно ткиво нераскинливо, едно знаме, една држава, едно име- Македонија

Го славиме нашиот голем празник Свети Илија, Илинден.  Илинден е ден и кога оддавае почит на илјадниците смели мажи и жени кои во Илинденското востание и во Антифашистичката борба ги положија своите животи на олтарот на татковината.

Ова денес го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој присуствуваше на  традиционалната Илинденска средба што се одржа во потпелистерското село Трново.

Илинден е голем ден во нашата историја, историјата на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија. Ден кога секоја година се потсетуваме на нив, на нашите херои и нивните битки и жртви. Но, истовремено земаме аманет дека нивното дело, нивните заслуги и придобивки, слободата која ја извојуваа, храброста со која нè инспирираа, мудроста со која нè просветлија, слободата и независноста за кои се бореа и кои денес ги имаме ќе ги одржуваме, негуваме, развиваме, почитуваме и од нив нема да отстапиме, по никоја цена, во секаков ризик, при секаков предизвик и тоа треба да го знае секој, а најмногу самите ние, истакна Груевски.

Тој додаде дека гаранција на тој аманет се стотиците илјади македонски срца и души во Македонија, но и срцата и душите на Македонците распространети по целиот свет.

-Затоа што ние сме едно, едно ткиво нераскинливо, едно знаме, едно дело, една света и светла организација, една држава, една мисла и едно име – Македонија, посочи Груевски.