Македонија

Груевски: Ние сме Македонци, говориме македонски и живееме во Република Македонија

Груевски: Ние сме Македонци, говориме македонски и живееме во Република Македонија

Главна стратегиска и надворешно политичка  цел на Република Македонија останува членство во ЕУ и НАТО, сите реформи преземени во земјата се со таа цел, сите внатрешни политички проблеми се решаваат во тој дух, рече премиерот Никола Груевски во обраќањето ВО ООН.

-Сепак, без оглед на внатрешно политичките предизвици со кои се соочуваме, дозволете ми да подвлечам дека не треба да има препрека на нашиот пат кон Евроатлантската заедница на нации. Едно нерешено прашање кое за жал стои на патот на трајна стабилноста на нашиот регион и директно влијание врз мојата земја и стои во агендата на ОН е разликата со Грција околу името со мојата земја, односно нејзиното противење за уставното име Република Македонија, рече Груевски.

Македонскиот премиер нагласи дека решавање на разликите со нашиот сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливо решение.

-Нашата позиција е добро позната и е во контекст на реалноста дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со Уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука одлуката од Меѓународниот суд за правдата донесена во корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, посебно зашто токму тој суд е основан од организацијата на ОН и тој треба да е гаранто на спроведување на правдата и на билатералните договори склучувани под покровителство на ОН, рече Груевски.

Во спротивно, нагласи тој, довербата во Светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа и ќе се остава простор на сите оние скептици кои ги споменав и кои пробуваат неправедно и намерно да го оспоруваат нејзиното работење.

-Мојата земја Република Македонија во последните 25 години откако прогласи независност помина низ сопствена внатрешна, но и регионална, европска и светска транзиција. Не е добро да се добие впечаток дека организацијата на ОН стои настрана од овој процес кој силно ги попречува македонските аспирации за подобра иднина на граѓаните, процес кој добива поинаква димензија непочитувајќи го меѓународното право и правејќи преседани кои понатаму може лесно да се злоупотребат за внесување дополнителна нестабилност насекаде.

Треба сериозен ангажман да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на причини заради неповолната економска состојба и објективните предизвици со кои се соочуваат, но во еден дел заради предолгото игнорирање на ова прашање од меѓународната јавност и недостаток на пристап од клучните играч кои може да помогнат, а кои не го приоритизираат ова прашање. Треба да најдеме решение како две пријателски земји кои освен ова немаат друг проблем, да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме во еден позитивен дух на пријателство и соработка со сите земји во регионот, мора да продолжи да се движи мојата земја остварувајќи ги своите цели и заложби за добробит на нашата држава, но и на целиот регион. Би сакал да ја повикам новата влада во Грција како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството да го решиме ова нерешено прашање како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, спогодба која е под покровителство на оваа организација и требаше да донесе решение на спорот, а не негово одложување, рече Груевски.

Денешните генерации и политичари од двете страни, рече Груевски, треба да направат овој спор кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото, особено во зачетоците, требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, да може да има решение кое е одржливо, балансирано и взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на нашите земји, а кое ќе обезбеди суштински напредок на Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантираното стабилно регионално опкружување.

-Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнувањето на капацитетите на отфрлање на предизвиците, подобро остварување на меѓународните конвенции и посилен пристап за одговор на хуманитарните предизвици, заклучи Груевски.