Груевски: Новата ера носи два ипол пати повисок приход по жител, тоа што го ветуваме и го исполнуваме

Изминативе четири ипол месеци ги видовме какви се. Нарушени национални интереси- катастрофален договор со Бугарија, најава за смена на името и идентитетот, колапс на економијата- пензионерите ги оставија без зголемување, се намали просечната плата иако најавија зголемување, добивате пониска плата од просечната која ја добивавте само пред 4 ипол месеци, падна индустриското производство- само во последното мерење за цели 5,3 осто, падна БДП за 1,9%, паднаа девизните резерви за повеќе од 170 милиони евра, а даноците ќе ги зголемуваат, куп афери со неисполнети ветувања- граѓаните не го добија ветениот поврат на ДДВ, нема поефтина струја, нема повисоки плати, ќе ги кратат субвенциите за земјоделците, непотизам и тендери за лично богатење и што уште не, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на големиот митинг во Штип.

„Ние тоа што го ветуваме и го исполнуваме. Нашиот збор вреди. Ветивме повисоки пензии, зголемени плати, субвенции, нови работни места и тоа го исполнивме… Сега е пред нас новата ера, новата ера за Македонија. План на кој што се работеше повеќе месеци и секое ветување во него е прецизно мерено. Одбери ја новата ера за твоето место затоа што знаеш дека ќе се исполни. Наместо нивните празни зборови и лажни ветувања, одбери ги нашите многу конкретни, многу прецизни проекти и ветувања кои знаеш дека ќе се остварат“, рече Груевски.

Новата ера, додаде Груевски, носи два ипол пати повисок приход по жител, односно од 5 на 12 илјади долари.

„Тоа значи приближно два ипол пати повисок стандард за живот, односно два ипол пати повеќе пари за трошење отколку сега. Родителите ќе имаат два ипол пати повеќе пари за своето семејство, за своите деца, за два ипол пати повеќе пари за одмор, да купат дом, за храна, за облека, за во школо, за на пазар, за кола, не само за живот, туку за вистински подобар живот. Пензионерите ќе имаат два ипол пати повеќе за себе и за своите внуци, земјоделците ќе имаат 2,5 пати поголеми субвенции и поголем приход – да си купат нови трактори, да си купат нова механизација, ново земјиште да добијат, да си ја обноват куќата. А тоа ќе значи 2,5 пати повеќе пари за модернизација на селата, за улиците, патиштата, патчињата до нивите, мрежите за наводнување и сите други потреби. Компаниите ќе растат, ќе им расте профитот, ќе има повеќе пари за работниците. Со тоа ќе има 2,5 пати повеќе пари за инвестирање во нови патишта, нови школи, болници, градинки и раст на плати за лекарите, учителите, полицајците, војската, подвлече Груевски.

 

„Новата ера ќе донесе нови 150.000 нови работни места, сиромаштија помала за 3/4, најниски даноци, двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со сопствен дом, зголемени плати, пензии и субвенции, многу повеќе вложување во екологијата за почиста животна средина. Издвојување на 6% од БДП за финансирање на образованието, подобрување на квалитетот на знаeње и креативните способности на младите луѓе, со цел да се дојде во ситуација Република Македонија да влезе во првата половина на листата на Пиза во делот на образованието. Новата ера на големи вложувања во екологијата, Македонија која од нето увозник ќе стане нето извозник на електрична енергија, Македонија во која функционираат интелигентни и оддржливи градови, паркови и игралишта во секое маало“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.