Груевски: Новиот оглас за распределба на државно земјоделско земјиште можност за нови вработувања

Новиот оглас за распределба на државно земјоделско земјиште кој е распишан денеска отвора можност за нови вработувања, за самовработувања, но и за домашни и странски компании да отпочнат производство на земјоделски производи или да отворат капацитети за нивна преработка поради големината на парцелите.

Ова во рамки на посетата на Виница, го нагласи премиерот Никола Груевски.

Нов оглас за распределба на државно земјоделско земјиште е објавен денеска. Објавени се три огласи. Првите два се за капацитети за преработка на земјоделски производи, а третиот е за земјоделско производоство по избор на оној кој ќе ја земе земјата.  Сите парцели ќе бидат над три хектари, што е можност за посериозно производство и ќе има јавна лицитација за оние кои ќе сакаат да конкурираат за земање на тоа земјиште. Тука има голем потенцијал и за многу вработувања и за зголемување на извозот и за самовработување, така што очекувам да има голем интерес, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека огласено е  ржавно земјиште во повеќе региони, во Куманово, во штипско – светиниколскиот регион, каде е и Џумајлија, ги има во ресенскиот регион и други региони низ Македонија.

Премиерот Груевски притоа упати повик до сите домашни, но и индивидуални странски компании кои се заинтересирани за земање под закуп земјоделско земјиште заради земјоделско производство  или отворање капацитети за преработка на земјоделски производи да се јават на огласот.