Македонија

Груевски: Новиот закон ќе ги реши сите заостанати стечаи

Груевски: Новиот закон ќе ги реши сите заостанати стечаи

Како што ветивме, така и сторивме. Подготвивме специјален закон што треба да ги реши заостанатите стечајни постапки, најкомплицираните, од 1986 до 2011 година, изјави денеска премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на регионалниот пат Тетово – Јажинце.

За него, како што рече, овој Закон е еден од најважните зашто ќе ја реши долгогодишната голгота на голем број вработени во вкупно 320 компании, меѓу кои ТИПО, „Маврово“, делови од „Железара“, МЗТ, „Центро“, „Порцеланка“, Кожарски комбинат „Куманово“, повеќе земјоделско индустриски комбинати, но и случаи како „Фиком“, „Самарија“…

„Со новиот Закон очекуваме овие постапки да бидат завршени најдоцна за една година. Новиот закон е работен по дански модел, вчера беше усвоен во Собранието и деновиве ќе излезе во „Службен весник“. Со него ќе бидат решени сите стечаи, најкомплицираните од минатото. Не само што излегуваме во пресрет на огромен број работници кои останаа без работа од фирми со доминантна државна сопственост, туку и сакаме да го затвориме прашањето со старите стечаи што се провлекуваат со децении“, нагласи Груевски, пренесе МИА.

Според него, Законот за стечаи донесен минатата година експресно ги решава стечајните постапки, но во претходниот период, особено во деведесеттите години законите за стечај овозможуваа, доколку некој сака да може со години да се влечат стечаите.

„Имајќи предвид дека судовите морале да работат по законот што важел во времето кога фирмата отишла во стечај, не постоеше никаков начин да се решат овие фирми. На крај најдовме решение. Сите 320 компании ќе бидат решени со новиот, специјален закон само за нив“, потенцира премиерот.

Тој информира дека се донесе и Законот за вонсудско спогодување со кој за идните случаи, доколку евентуално некоја фирма треба да оди во стечај, ќе има уште една можност, втора шанса да може да се избегне стечајот.

„Верувам дека овие закони ќе ги раздвижат работите и ќе стават крај на одредени долгогодишни голготи во многу компании во кои работниците до денес чекаат да завршат постапките и да бидат обесштетени. Со најновиот Закон за стечајните постапки ќе се стави крај на еден прилично матен период од деведесеттите години во кои заглавија голем дел од компаниите, ќе се решат судбините на многу луѓе кои чекаат разрешување на постапките“, подвлече Груевски.

Одгoворајќи на новинарски прашања, премиерот напомена дека се’ е кажано и нема што да додаде во врска со случајот „Висарис“. Тој рече дека нема ништо ново и околу претстојниот избор за претседател на државата и за разговори со коалицискиот партнер ДУИ во оваа насока со кој, кaко што нагласи, контактира постојано.

Осврнувајќи се на денешното пуштање на регионалниот пат Тетово – Јажинце, Груевски уште еднаш истакна дека Владата го реализира тоа што го вети.

„Го пуштивме во употреба регионалниот пат Тетово – Јажинце по неговата темелна реконструкција и проширување за што се инвестирани 2,5 милиони евра. За овој проект многу луѓе јавно објавуваа дека тоа нема да се случи, дека ги лажеме жителите во Полошко. Пратеникот на СДСМ од Тетово јавно изразуваше неверување дека проектот ќе се заврши како што беше ветено од страна на Владата и како што беше дефинирано во нашата изборна програма“, изјави Груевски.

Проектот, додаде, е реализиран кон крајот на минатата година, а сега веќе патот е и официјално пуштен во употреба.