Ноемвриската пензија која пензионерите ќе ја земат на почетокот на декември ќе биде зголемена за 5 проценти, согласно ветеното зголемување кое претходно го има дадено Владата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој присуствуваше на промоција на книги од едицијата „Македонски искушенија“.
Тој истакна дека пензионерите ќе добијат ново зголемување од 670 денари кое на годишно нивно е зголемување од околу 8000 денари.
-Досега со зголемувањата на пензиите просечната пензија е зголемена за 70, а минималната за 90 проценти. Сега на сето ова ќе има ново, 5 процентно зголемување. Вкупно околу 300,000 пензионери ќе добијат по 670 денари плус. И покрај сите проблеми со кои што се соочи Владата, сепак со многуте мерки кои се превземаа се ублажија последиците од политичката криза која имаше удар врз економијата и се овозможи да сепак дојде до зголемување на пензиите онака како што претходно беше планирано, рече Груевски.
Тој посочи дека и покрај негативното влијание кое политичката криза го има врз економијата, Владата претходно донела мерки со кои ќе се заштити македонската економија, а во исто време се реализираат и ветените проекти во корист на граѓаните.