Груевски: Оценките на Светска банка се верификација на нашите прогнози

Оценките на Светската банка дека минатата година Македонија имаше трет најголем раст на економијата во Европа, оваа година ќе има втор најголем раст и дека следната година ќе има еден од најголемите растови е верификација на она што ние го говоревме и прогнозиравме, истакна премиерот Никола Груевски.
Тој посочи дека на некој начин самите резултати од Светската банка се валоризација на целиот вложен труд во минатото да се придвижи економијата во исклучително тешки околности на кризи, светска криза, европско-должничка криза.

Премиерот потенцираше дека Владата ќе продолжи со своето темпо и динамика на работа по нејзиното формирање и ќе биде силно фокусирана на економијата со цел не само да се остварат овие прогнози туку и да се надминат.

-Заживувањето на економијата во едно вакво време и тоа со највисоки проценти на раст споредено со сите земји во Европа говорат дека работите во економијата одат во добар правец. Тоа не значи дека немаме проблеми, не значи дека немаме проблеми со невработенста и слично, но работите се движат во добра насока и охрабрени од овие резултати ќе ги продолжиме политиките со кој што доаѓаме до вакви резултати во едни ваки тешки околности и се разбира постојано ќе ги надградуваме со нови идеи дополнително кои веруваме дека ќе го забрзаат растот, истакна Груевски.

Р. Македонија под водството на оваа Влада, заклучи Груевски, секогаш имаше еден од најдобрите резултати во растот на економијата, па дури и во време на најтешка криза, на пример во 2009 кога имавме пад на економијата, тоа беше трет најдобар резулат во Европа затоа што другите имаа уште поголем пад во тоа време.

-За мене не е голема новост тоа што сме меѓу првите во растот на економијата затоа што тоа го имаме континуирано во изминатите години, но ме радува тоа што Светската банка тоа го прогнозира и за оваа година и за следната година, рече премиерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.