Груевски: Oчекуваме уште десет нови инвеститори

Животниот стандард на граѓаните ќе се подобри исклучиво преку инвестиции и отворање на нови работни места. Ова синоќа го истакна премиерот Никола Груевски во новогодишното интервју за МТВ.

„Што повеќе инвестиции, зголемен број на работни места, зголемена конкуренција, поголеми плати. Тоа е фромулата за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Затоа и како Влада најмногу сме насочени кон тоа. Променивме илјадници закони, акти, одлуки и решенија се со цел да создадеме една поволна бизнис клима со која ќе привлечеме странски инвеститори. Постигнавме огромен напредок во создавањето на бизнис климата. Регулаторната гилотина е многу позитивно оценета.Условите се подеднакво исти како за странските така и за домашните компании.Во разговор со бизнисмените, тие се прилично задоволни од мерките на Владата. Најголем дел од работите што ги барале ги добиле,“ изјави премиерот.

Должењето меѓу самите компании, го истакна како еден од поголемите проблеми во работењето на приватните фирми, па во оваа насока, Владата помогнала преку две мерки, со Законот за финансиска одговорност и задолжницата како инструмент.

Во однос на задолжувањето како држава, премиерот истакна дека кога дошле на власт во 2006 година, долгот бил 40 отсто од БДП.

„Она што го направивме кога дојдовме е што предвреме се раздолживме. Следните две години беа економски добри години, имавме суфицит и се раздолживме. Задолженоста ја донесовме  од 24 до 25 отсто од БДП.Тоа подоцна се покажа како најпаметен потег, бидејќи ни помогна полесно да ја поднесеме кризата. Не случајно во 2009 година имавме најмал пад на економијата од 0,9 отсто. Ние денеска сме четврта најмалку задолжена земја во Европа. Со помош на овој потег помогнавме на многу сектори на градежниот, но и на 26 други за да се извлечат од кризата,“ изјави премиерот и додаде дека проектот Скопје 2014 година добро им дојде на градежните компании, кои отворено признале дека да не била работата на овој проект, некои од нив и ќе пропаднеле.

Сепак, како што истакна, овој проект бил започнат со идеја за подобрување на туризмот, разубавување на метрополата и излегување од едно сивило.

За враќањето на долговите, Груевски потенцираше дека имаат план за 20 години што ќе доспева како долг и кога и како треба да се враќа.

Во однос на буџетот, првиот човек на Владата истакна дека се зголемени средствата за капитални трошоци и истите се зголемуваат секоја година.

„Капиталните расходи се инвестиција во економијата и приватниот сектор има корист од тоа,“ изјави премиерот.

Како капитални проекти за следната година ги спомена примарната и секундарна гасификација како и изградбата на патиштата Скопје-Штип и Кичево-Охрид кои треба да започнат во втората половина на февруари.

Исто така најави дека  во неформален разговор уште десет компании најавиле дека ќе инвестираат во Македонија, но чека самите да објават.

Груевски најави дека можно е на маса да ги седнат домашните бизнисмени и странските инвеститори во земјата кои произведуваат автомобилски делови, па да се договорат која домашна компанија што може да произведе за нив, какви машини им требаат и колкави инвестиции им се потребни.

„Зошто деловите кои странските компании ги увезуваат од надвор и ги употребуваат во производство, да не ги набавуваат од домашни компании кои се бават со такво производство. Бенефитот во тој случај би бил двоен. Има огромен потенцијал во снабдувањето со делови . Ќе ги седнеме на маса, па ќе видиме дали можат нешто да се договорат,“ изјави Груевски.

Премиерот за следната година најави поголеми плати и пензии, а што се однесува до даноците, не најави нивно зголемување.

„Напротив, ние сме држава која во време на криза наместо да ги зголемува, ги намали даноците. За следната година не е  предвидено зголемување на даноците,“ потенцираше тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.