Груевски: Од 105-то место во светот по индексот на корупција, земјата ја донесовме на 62-то

Наследивме земја која официјално ги немаше исполнето потребните услови за добивање покана за членство во НАТО и Европската унија, од 2008 за НАТО, а од 2009 година за ЕУ, пречка е само името, истакна од собраниската говорница претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Рече дека од нив секогаш ќе се бараат реформи.

„Сега новата влада ’се сили’ дека ќе ги направела новите реформи препорачани од Европската комисија. Ние направивме многу реформи и подобрувања во судството, администрацијата, медиумите итн. Сите беа уредно прегледани и одобрени, а потоа и пофалени од ЕК. И овие што следуваат ќе бидат такви. И повторно по три, четири или пет години ЕК ќе препорача нови кои ќе се спроведуваат. Реформите се континуиран процес, и така треба да биде. Единствено е смешно кога некој кој допрва треба да ги спроведува гледаш дека се однесува како да реформите и светот започнува и ќе заврши со него“, посочи Груевски.

Истакна дека наследиле земја од СДСМ која била на дното, на 105. место во светот по индексот на корупција.

„Дојдовме до 62-то место. Па дури неодамна во склоп на надворешната операција ни го влошија тоа“, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.