Груевски: Од 2006-та година до денес изградени се 70 нови училишта

Новата училишна зграда и новото тениско игралиште „Глигор Прличев“ во населбата Железара, општина Гази Баба денеска беа официјално отворени. Бараките во кои досега учеа учениците беа стари 50 години.

На отварањето присуствуваше и се обрати премиерот Никола Груевски кој истакна дека ваквите проекти како отворање на нови училишта и спортски сали, порано биле вистинска реткост и поради таквата негрижа голем број генерации на ученици растеа во стари училници без спортски сали.

-Од 2006 година до денес изградивме 70 нови училишта, а реконструиравме 350 на територија на цела Република Македонија. За оваа намена беа издвоени 2,56 милијарди денари. Според планираното, ова лето ќе бидат реконструирани други 29 училишта. Изградени се и 80 нови спортски сали, од кои 33 големи. Од 2006, исто така се зградени 35 големи фудбалски игралишта, 51 повеќенаменско игралиште, 39 тениски игралишта, а 35 игралишта за тенис се во фаза на градба, истакна Груевски.

Премиерот посочи дека работа на секој политичар е да ги исполнува ветувањата дадени пред граѓаните.

-Љубовта кон народот и земјата се покажува со работа, труд, проекти и реализација на сите ветувања дадени кон граѓаните. Ние и понатаму со сите сили ќе работиме за успешна и просперитетна Македонија, истакна Груевски.

На отворањето на новата училишна сала и тениско игралиште присуствуваа и голем број на граѓани.

фото: Курир