Македонија,Политика

Груевски од Кавадарци: Дајте ни ветер во грбот и поддршка за нашата програма

Груевски од Кавадарци: Дајте ни ветер во грбот и поддршка за нашата програма

Премиерот и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва ја побара поддршката за претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори, на митингот во Кавадарци.

Пред кавадарчани тој зборуваше за постигнатите резултати во изминатиот мандат, потенцирајќи ги успешните мерки кои што резултираа со намалување на невработеноста, зголемување платите и пензиите, субвенции за земјоделците…

„По 2006-та година дадовме политичка гаранција со конкретна понуда на програма. Потоа излеговме и со отчет за сработеното. Да покажеме што сме ветиле и што сме сработиле, и што сме сработиле, а не сме ветиле, како и она што не сме го реализирале“, рече Груевски, осврнувајќи се на нивниот однос кон политиката, граѓаните и односот базиран на доверба.

Се’ почива на доверба, рече тој, и семејството и бракот и домот и бизнисот и политиката.

„Пензионерите пред 2006-та година имаа иста пензија, па дури еднаш им беше намалена за осум отсто. Во 2006-та година, пред изборите не бевме сигурни и не ветивме, но потоа видовме дека можеме да направиме зголемување на пензиите во неколку наврати“, рече Груевски, кој уште еднаш нагласи дека просечната пензија порасна за 62, а најниската пензија за 74 отсто.

До 2006-та година, како што нагласи тој, СДСМ не даваше субвенции, а веќе во програмата за следните четири години владејачката ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата „За подобра Македонија“ предвидуваат 600 милиони евра за поддршка на земјоделците.

Груевски се осврна и намалување на невработеноста која во 2006-та година беше на ниво од 38 отсто, а благодарение на ефикасните владини мерки и политики сега е на ниво од 28,6 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече тој, е првата партија во Македонија која што презема мерки за заржување на луѓето во Македонија, односно да се спречи нивно иселување.

„Станува збор за економско иселување, а одговор на тоа е отворањето на нови работни места“, нагласи Груевски, кој рече дека досега ниту една политичка гарнитура не успеала да вработи 4.500 лица.

Зборувајќи за сработеното, реализираните проекти и преземени мерки, Груевски ги повика неопределените граѓани да имаат реален поглед при донесување на одлуката за претстојните избори.

„Долго време работиме за да го реализираме она што го ветивме.. Сега очекуваме довербата да вроди со плод, да ни дадете ветер во грбот и да не поддржите“, порача Груевски од Кавадарци.