Груевски: Од проектите со Кина има корист на краток, среден и долг рок

Од Самитот во Белград може да произлезе нешто многу конкретно. Сведоци сме дека после првиот и вториот самит кај нас веќе се градат два автопата поддржани од НР Кина кои меѓу останатото се договараа на самитите, изјави премиерот Никола Груевски по завршувањето на работниот дел од средбата 16 плус еден во Белград, јави МИА.

– Ние излеговме први со иницијатива откако беше објавено во Варшава дека Кина ќе обезбеди 10 милијарди долари за Источна и Централна Европа. Во неполни две недели излеговме со проекти на втората средба со кинескиот премиер во Кина, први добивме поддршка и веќе се гради во Македонија, рече Груевски.

Тој оцени дека Самитот дава добри можности, се прават добри контакти и се зборува за проекти и за тоа што се реализира.

– Очигледно е дека пругата од Атина до Будимпешта е приоритет за кинеската страна, а за реализација е потребна соработка со сите држави на таа траса – Унгарија, Србија, Македониија и Грција. Ние сме подготвени да соработуваме и претпоставувам дека на утрешната средба ќе разговараме за деталите како ќе се изведе целата операција, за кои временски рокови и под какви услови, истакна Груевски.

Најавата од кинескиот премиер Ли Кечијанг за зголемување на фондот за земјите од Централна и Источна Европа за нови три милијарди долари, ја оцени како одлична можност.

– Трите милијарди ќе дадат нов импулс, односно освен што ќе се даваат заеми, ќе може кинески компании да влегуваат со концесии, а тоа значи со инвестиции во проекти кои еден период ќе ги експлоатираат, а потоа ќе ги остават на државата, рече Груевски.

Од тоа, посочи, државата ќе има многу бенефити бидејќи ќе се ангажира и градежната оператива, а ќе добијат работа и сите други придружни дејности.

– Од такви проекти има корист на краток, среден и на долг рок. Би рекол дека се покорисни од финасирањето преку меки кредити, кои се исто така добри со многу пониски камати од пазарните што практично имаат грант елемент, потенцира Груевски.