Груевски од Валандово: Во следниот мандат ќе отвориме најмалку 70.000 нови работни места

За наредниот мандат предвидуваме отворање на 70.000 нови работни места, најмалку 70 илјади нови вработувања, порача на митингот во Валандово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

-Направивме држава со најниски даноци на планетата земја. „Бизнис инсајдер“, базиран на податоците на ММФ и СБ објави годинава ранг листа на земји со најниски даноци. Прва во светот по најниски даноци со ефективна даночна стапка од 7,4 отсто е Република Македонија. Ефективната даночна стапка е еден просек изваден од сите даноци во Македонија, но и даночни ослободувања. Планираме нови намалувања на даноците, нови намалувања на ДДВ, на царини, рече Груевски.

Тој додаде дека овозможиле легалиација на бесправно изградените објекти на целата територија на РМ, легализација на дворните места, легализација на земјоделски возила, намалување на царините за да можат да се увезат евтини автомобили. Како што рече Груевски, увезени се над 280.000 возила.

– Не ги делевме луѓето дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи… затоа што за нас сите се исти. Изјавите на Заев дека сме националисти се без основа, затоа што покажавме дека на сите ги покачувавме пензиите, на сите ги покачувавме платите, на сите им дававме субвенции, никого не делевме и никого не прашувавме што е по етничка заедница. На сите помагавме, кога имаше поплави одевме и во штипско и во Шипковица и во Новаци и во Речица. Приказната за националисти не држи вода. Оваа коалиција се бори за сите граѓани. Ако некогаш предупредиш за тоа што може да и се случи на државата, тоа не значи дека си националист, рече Груевски.