Македонија

Груевски: Одлуката на Иванов е спротивна на нашите заложби и му помага на СДСМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешната прес – конференција повтори дека партијата силно се оградува од одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов.

-Оној што направил криминал треба да одговара. Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновен и оттука никој од нас не сакаше да има прекин на постапките за кои Иванов донесе одлука, истакна Груевски.

Таа одлука, како што рече, не е во согласност и е спротивна со нашите заложби и му помага на СДСМ.

– И покрај очигледното непрофесионално однесување на структурите на СЈО и заземањето страна, во случајот директно ставајќи се на страната на СДСМ, убедени сме дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината и фактот дека многуте кривични пријави поднесени против наши функционери и неколкуте отворени истраги се дел од кампањата на СДСМ, немајќи што да понуди на народот, истакна Груевски.

Тој потенцира дека не се сомневаат во добрите намери на Претседателот со донесената одлука, ниту во законитоста.