Македонија

Груевски: Огледувањето во делото на Св. Климент ни поставува високи цели

Груевски: Огледувањето во делото на Св. Климент ни поставува високи цели

Во пресрет на празникот Св. Климент Охридски, во Македонската академија на науките и уметностите синоќа се одржа свечена академија за делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.

Свечената академија се одржа во организација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија.

akademija_drz_vrv

– Ангел-пазител и молитвеник, светилник, чудотворец охридски, застапник за нашиот род пред Божјиот престол, во кого имаме многу – и учител, и просвeтител, и светител, и пример. Тој е живата алка и духовна сила за нашиот народ и црква и затоа во него можеме да најдеме одговор и за сите наши современи предизвици. Имајќи го како жива и света закрила, како морална и духовна величина, свети Климент и денеска би можел да ни биде од полза во барањето излез од тешкотиите и да ни биде незаменлива поткрепа во сегашниве и идни можни искушенија, рече архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА истакна дека свети Климент се утврдил преку добриот подвиг на верата и така станал наш Мојсеј и втор Павле, изведувајќи го својот род од ропството на темнината и незнaењето, постојано трудејќи се народот да постане црква, а црквата – народ. Затоа, порача г.г. Стефан, почитувајќи го и славејќи го свети Климент се почитуваме и себеси и искажуваме грижа кон своето потомство.

akademija_site

– Но, некогаш со жалење констатираме како да не го познаваме и цениме доволно свети Климент. Неговиот празник треба да биде наш најпрославуван, не само верски, туку и национален празник. Треба и мора свети Климент да стане и повеќе, и да биде позначаен во секојдневието на православниот Македонец – и на општествен заеднички и на приватен, личен план, рече архиепископот, посочувајќи ги како пример другите православни цркви и начинот на кој тие си ги прославуваат и величаат своите национални духовни херои.

Поглаварот на МПЦ-ОА повика и почесто да се посетуваат храмовите – црквите и манастирите, зашто со отуѓувањето од Бога денешниот човек станал осамен и отуѓен.

– Денес како се повеќе да станува реалност она дека човек на човека му е волк отколку она дека треба да се сака другиот како себеси. И за овој неповолен процес кој, за жал, го голта и нашето потомство, не ни е виновен никој, ни надворешен, ни внатрешен непријател. Виновни сме самите, зашто се отуѓивме од Бога, а преку тоа и од човекот во нас, додаде г.г. Стефан.

Премиерот и покровител на свечената академија, Никола Груевски зборуваше за свети Климент како продолжувач на мисијата на Кирил и Методиј, од чиј Охридски универзитет произлегле над 3.500 ученици – идни учители кои продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија. Рече дека бил едноставен и близок со луѓето, морален и духовен човек и благодарение на неговата работа црквата станала чувар на верата, но и на националниот идентитет на народот.

akademija_premier

Груевски рече дека делото на свети Климент Охридски е вонвременско, универзално по својата големина и значење и е привилегија тоа што можеме да го следиме неговиот пример и делото што го создал во многу поинакво и потешко време од денес.

– Тој бил пример за ширење на единство и меѓусебно почитување. Тоа го правел во неспоредливо поинакво и потешко време, но го правел искрено и со голема љубов и посветност, што нас не задолжува и повеќе и посилно да го следиме неговиот пример и вредностите за кои се залагал. Неговото дело ни покажува дека со единство и меѓусебно почитување и со цврста волја може многу да се постигне и дека не треба да не обесхрабрува ниту една пречка која може да се чини непремостлива. Бидејќи пречки и предизвици секогаш има, но начинот на кој се справувате со нив, непоколебливата волја и вербата темелена на принципи и вредности е тоа што ќе остане и тоа што ќе се вреднува. Неговиот живот е патоказ дека ако се работи со љубов, ако силно се сака и ако се има верба во себе, во своите соработници и во својот народ, може многу да се постигне. Кога можел свети Климент во едно исклучително тешко време да постигне толку многу, зошто да не можеме и ние денес, рече претседателот на Владата.

Огледувањето во неговото дело ни поставува високи цели, рече Груевски, но и јасно ни дава до знаење дека се што е вредно за паметење, никогаш не било лесно за остварување.

– Ваквите историски примери јасно ни даваат до знаење дека можеме многу повеќе, дека имаме корен, силен темел и многу мотиви да продолжиме со изградбата. Тоа треба да ни биде поттик да истапиме чекор понапред од веќе достигнатото, во секое поле кое е од значење за нашата држава. Така ќе оддадеме најголема почит на величините како свети Климент Охридски, но ќе оставиме и вредности за идните поколенија кои ќе треба да продолжат по тој пат, додаде премиерот.

Домаќинот на свечениот собир, академик Владо Камбовски, го нарече духовен корен и стебло на нашата култура и самобитност, порачувајќи дека празнувањето на светителите е вистинско кога се следат нивните свети дела и кога се сака и бара вистината.

akademija_manu

– За што ни го дал свети Климент логосот, а логосот е слово, ако не за тоа словото да е логос, да е вистина, да зборува јасно, гласно и вистинито, за тоа што е и што треба да биде. Да ја открива и накажува лажната или подмолната употреба на речта. Само така словото е за човекот и му служи нему и на наговото величие… Се додека сме со и во вистината, не треба да се боиме дека нашата реч ќе одекнува глуво во кулата вавилонска на народите, јазиците и писмата… Светителот го засеал словото на една широка нива, што само ако сложно се ора може вековито и обилно да не храни со неговите овоштија на богатата духовна трпеза, рече Камбовски, додавајќи дека славењето на свети Климент е славење и на сите наши знајни и незнајни учители во сите епохи.

– Од свети Климента до денес е единствен патот на нашето културно воздигнување, на кој лево и десно стојат ликовите и делата на безброј познати и непознати дејци што ја заслужуваат нашата најдлабока почит, како патокази на нашата иднина, додаде претседателот на МАНУ на свечената академија, на која во музичкиот дел настапија Женскиот хор Св. Злата Мегленска и Гудачкиот квартет на Македонката филхармонија.

Климент Охридски заедно со Наум Охридски, бил најистакнат ученик на творците на словенската писменост, Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивната просветителска мисија. Многу цркви, училишта, здруженија и институции го носат неговото име, меѓу кои и Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје и Универзитетот во Битола. Од 2007 година денот на свети Климент – 8 декември е и државен празник во Република Македонија и се доделува државна награда од областа на образованието, воспитанието, културата и здравството.