Груевски: Оние што се синоним за неработење и страшно богатење, сакаат на подмолен начин да наштетат на нашиот кредибилитет

Го знаете сигурно вицот зошто на Заев му се црвени очите? Па зошто по грешка место на уши, слушалиците за разговорите ги ставал на очи. Со оваа шега премиерот Никола Груевски го започна своето обраќање на народен собир во Прилеп.

Нагласи дека по Велигденските празници владејачката партија го продолжува крстосувањето низ Македонија со нивните пораки и конкретни дела.

– Го продолжуваме во еден ваков состав токму од Прилеп, градот во кој со години наназад убедливо победуваме и во кој граѓаните ни даваат голема поддршка.Затоа што го испорачуваме тоа што им го ветуваме! Градот за кого сме работеле и граделе и за кого допрва ќе правиме и создаваме. Упорно еден човек кој пред некој ден јавно изјави дека не знаел дека барањето мито било кривично дело, демек да знаел немало да бара мито, се обидува да ја наруши сликата која прилепчани, но и генерално сите граѓани на Македонија ја имаат за нас. Ја паметам конвенцијата за избор на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во Универзалната сала во Скопје на која се кажуваа и број на проекти кои секој кандидат ги имаше во својата програма. Марјан Ристевски имаше меѓу најопфатните програми со над 400 проекти, од кои најголем дел беа во соработка со министерството за транспорт и врски. И не е ни чудо, министерот од Прилеп, градоначалникот од Прилеп. За Прилеп тоа не е лоша комбинација, истакна Груевски.

Во продолжение претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер на Република Македонија се осврна и на однесувањето на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

Како што рече Груевски, сега на сиот труд, целата работа, посветеност, овие кои се синоним за неработење и лоповлук, за делење тендери по роднини, братучеди, чичковци, браќа и стрини, на делење на се и на страшно богатење и перење на пари преку кирии од рента на имот во кој живеат, и со други методи за кои веројатно и ќе се дознае појасно, сакаат на ваков подмолен кукавички начин, со како што и самите признаа, креирани, сечени материјали, преку невистини и лажни контексти во кои ги најавуваат своите прес-конференции, преку соработка со структури кои не и сакаат добро на Македонија, да ни наштетат лично и на нашиот кредибилитет и интегритет, мислејќи дека на таков начин ќе добијат поддршка од граѓаните.

– Се сеќавам имаше една детска емисија наречена Раскажувачот, во која еден човек покрај камин со куче до него отвораше книга и почнуваше да раскажува. Е тој раскажувач во случајов од струмичко Муртино си дава свој контекст на дополнително креирани, сецкани, лепени, монтирани разговори и од време навреме ќе подвикне, ќе се закани, ќе каже дека е многу силен и не се плаши од ништо, а всушност длабоко во него се крие едно така уплашено човече што дури на тие што добро знаат да проценат личност односно да направат психолошка проценка, им е совршено јасно и многу лесно ќе го видат тоа. И колку повеќе се сили, толку повеќе е уплашен. Тоа му се гледа во нејасниот поглед, во изнасилените и неприродни гестикулации, кои не му се својствени, во згрчената насмевка, демек се смешка, значи треба да веруваме дека е лабав и опуштен, а не сфаќа дека делува како да лапнал лимон, со сето ова што го прави, тој е само еден уплашен човек, кој гледа дека не успеа во неговите намери и во реализација на нарачките на неговите сценаристи, на тие што му го смислија ова. Зашто знаеме сите дека човекот е заложник и обична марионета. Не е ни чудо што неговата најблиска соработничка веќе неколку пати кажува пред различни соговорници дека овие им биле однапред подготвени материјали. Па ние тоа од старт го тврдевме. Најинтересно е што во сето ова нивно палење и ширење на агресија и закани, почнаа да раскажуваат кој каков тип на војска имал. Демек ако има судири по улици, тие биле спремни. И ни повеќе ни помалку си објавуваат во нивните медиуми, во тие што соросовата фондација им ги плаќа. И онака горди објавуваат кој каква војска имал, и демек биле многу силни, опасно ќе било. Бог да чува.  Е само тоа може човек да го каже. Бог да чува, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.