Груевски: Oпозицијата е најнедемократскиот фактор во државата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на 15. Конгрес беше реизбран за претседател на партијата, во своето обраќање се осврна на слободата, односно како што рече, злоупотребата на овој поим „слобода“ од страна на опозицијата.

-Практично веќе долг период, посебно по катастрофалните порази кои опозицијата ги имаше до 2009тата година, ќе видите и самите според сите натписи дека претходно таква работа не се ни спомнуваше, но во очигледен сопствен недостиг на концепт, план, легитимна политичка стратегија, тие почнаа својата политичка агенда да ја потпираат на еден збор, а тоа е – СЛОБОДА. Односно, и формата на организирање која произлегува од слободата, тоа е демократијата. Значи досега не слушнавме ништо ново програмски од нив, освен напади врз основа на кои ја градеа својата приказна за слободата, и нивната наводна борба против нашиот, како што тие го нарекуваат недемократски режим. Таа приказна од различни причини, најчесто заради спроведување на интерес и влијание, односно заради причини кои немаат никаква врска со опозицијата, ја прифатија и продолжија и некои земји од меѓународната заедница. Овие земји, секоја заради свои причини, некои заради стратешки интерес, иако добро ги познаваат состојбите во земјава, сепак ги користат тие алатки на некаков притисок и остварување на сопствени убедувања, рече тој.

Тој додаде дека тие како партија се свесни дека имаат  и проспусти,  но дека се отворени и дека сите добронамерни сугестии секогаш се добредојдени.

-Не сакам да тврдам дека сме безгрешни, напротив, имаме свои пропусти и во овој дел сигурно, и тие сме подготвени соодветно да ги адресираме, со цел подобрување на некои состојби таму каде е потребно, и тука сите добронамерни сугестии кои ги препознаваме, се секогаш добредојдени, но би можел сосема слободно и да кажам дека во најмала рака, во добар дел, имаме еднакви грешки и пропусти како и поголем број од земјите од ЕУ, рече Греувски.

Нема да е упатно ако почнам споредби поединечно, и тоа никогаш нема да го направам, но секој наш граѓанин тоа веќе го прави,  и легитимно си поставува прашања, рече тој,  кога гледа разни примери низ земјите од ЕУ.

– Да се разбереме – политика на двојни стандарди постоела, постои и ќе постои. Но, сосема разбирлив е и одговорот на голем број наши пријатели од меѓународната заедница, кој гласи – добро – вие сакате да се приклучите на овој клуб политички и економски да се интегрирате, и тоа е најдобриот можен одговор на сите јавни и неформални дискусии меѓу нашите граѓани и оттука за мене се сосема разбирливи и реакциите на меѓународната заедница по однос на многу прашања и јас тие ги прифаќам. Но она што не можам да го разберам во целост, тоа е деструктивната агенда на опозицијата на тема слобода и демократија, истакна Груевски.

Најмалку некој што треба да говори за слободата и демократијата во државата, смета тој,  е опозицијата, додавајќи дека ова можеби за некого да звучи како богохулење, но тој тврди дека опозицијата е најнедемократскиот фактор во државата,  не само поради последните случувања, туку заради една филозофија на однесување која нашата опозиција ја има во последниве 20 години. Таа, рече тој,  е вградена во таа партија и може слободно да се сведе на една реченица – тие велат – кога се тие на власт има слобода, кога не се тие на власт, тогаш нема слобода.

-Па погледнете наназад ќе ги видите истите нивни кампањи и во периодот помеѓу 1998 и 2002 година. Буквално истите. Пред некое време ми донесоа и изјави на Црвенковски од тоа време, како и кампањи на невладините на Сорос, и не ми се веруваше, комплетно истите изјави, истиет активности, истите обвинување за немање демократија и слобода. И тогаш немало демократија. Зошто? Затоа што тие тогаш не беа на власт. Најголема демократија има кога СДСМ е на власт. Но, сето ова е заради нивното поимање на слободата,. Суштинската разлика меѓу нас не е дали има слобода или нема,  додаде тој.

Јас тврдам, рече тој,  дека има и слобода и демократија, и тоа многу повеќе од некои други земји. Туку, суштината е во тоа како ние, а како тие во сдсм ја разбираат слободата.

-Според мнозинството на граѓаните, опозицијата заедно со цел свој невладин и медиумски оркестар е таа која со самото свое делување докажува дека во оваа држава има и вишок слобода и демократија. Но, за да се говори на оваа тема добро е да се видат општите параметри кои ја дефинираат слободата, а клучниот е – Слободата е сила. Сила или право, да се делува и размислува како што секој поединец сака и избира, без пречки или воздржувања, или пак било какви попречувања. Тоа е слободата, потенцираше Груевски.