Груевски: Опозицијата го преплави Охрид во долгови и криминал

Опозиција го заглави Охрид во над 50 милиони евра долг, долг кој го враќа локалната самоуправа и досега е намален за 3 милиони евра, а исплатени се над 8 милиони евра камати, рече премиерот Никола Груевски на големиот народен собир во Охрид.

Груевски рече дека тоа е истата опозиција која го удави Охрид во криминалии, во перење пари, во незаконски набавки и договори, истата опозиција која шуруваше со подземјето, чии експоненти со нога ја отвораа вратата на градоначалникот, го киднапираа и третираа како измеќар, град во кој избори на СДСМ истите тие од подземјето му ги добиваа со купување гласови, со притисоци и закани кон граѓаните од сите заедници, а за возврат добиваа тендери и бизниси со општината, си креираа и договараа задолжувања и на најбрутален и безобразен начин го клекнаа Охрид на колена.

-Е тие луѓе сакаат охриѓани да заборават. Да заборават на сите криминалии и глупости на поранешниот градоначалник, на сите тие ликови кои го третираа Охрид како нивна приватна своина која треба да ја раскрчмат и ограбат. Но Охрид не само што не заборава, Охрид враќа, и затоа на изборите ВМРО – ДПМНЕ победи со толку голема разлика, затоа во два изборни циклуси по ред, разликата во гласови е толку голема што не можат да најдат ниту еден единствен, ниту меѓу нивните, кои би им поверувал дека сме победиле заради нешто друго. Охриѓани враќаат и тоа така треба. И ние сме свесни за тоа. Како што сме свесни и за очекувањата кои Охриѓани ги имаа од нас и од градоначалникот, очекувања кои беа доста високи, и со право високи. Охрид заслужува повеќе, и ние навистина правиме максимум колку што можеме да помогнеме во повеќе области каде тоа е возможно, рече Груевски.

Тој нагласи дека има доста проблеми, свесен е за секојдневието во Охрид, најизворно знае за нивните проблеми и како што нагласи знае дека мора да се направи нешто повеќе, иако и досега направивени се многу нешта.