Груевски оствари средба со претставници на земјоделските здруженија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски оствари средба со претставниците на земјоделските здруженија.

На средбата присуствуваа Вељо Тантаров претседател на Сојузот на земјоделците, Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделци, Никола Стаменов претседател на Федерација на фармери и Ставре Јанев претседател на Синдикатот на земјоделците, како и заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

Како што јавуваат од владината прес служба на средбата било разговарано за поголем број на проекти, мерки и активности во областа на земјоделството.

– Соговорниците дадоа позитивна оценка за соработката која се остварува помеѓу институциите на државата и земјоделските субјекти, и ја истакнаа својата посветеност за понатамошно унапредување на сите сфери кои се од интерес за земјоделскиот сектор во земјата, стои во соопштението.

Премиерот Груевски ја истакнал силната посветеност и фокусираност на Владата кон континуираното обезбедување на услови и можности за раст и развој на земјоделската дејност. Тој истакнал дека развојот на земјоделството е стратешка определба на Владата и дека земјоделците секогаш може да сметаат на владината поддршка.

gr_zemjodelci (2)

Меѓу другото соговорниците разговарале за делот на доисплатата на земјоделските субвенции за кои постоеја определени предизвици кои беа предизвикани од процедурални и технички причини.

Претседателот на Владата истакнал дека на минатата владина седница било разговарано за оваа тема, при што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека се надминати процедуралните и технички предизвици и дека предметите се комплетирани.

– Премиерот Груевски ги информираше претставниците на земјоделците дека врз основа на оваа информација Владата одлучи од следната недела да се започне со доисплата на овие субвенции  кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот. Претставниците на земјоделците ја поздравија оваа одлука и истакнаа дека средствата кои ќе се добијат од Владата ќе придонесат за работата и развојот на земјоделците, се наведува во соопштението.

Воедно било договорено дека согласно календарот за исплата на субвенции, во текот на месец ноември ќе се започне со исплата на субвенциите за житните земјоделски култури од реколтата во 2014 година.

Исто така на средбата соговорниците разговарале и за претстојниот почеток на откупот на оризот и тутунот од овосезонските реколти при што била истакната заедничката посветеност да се преземат сите потребни мерки и активности со цел да се креира квалитетен амбиент за реализација на откупот кој ќе обезбеди почитување на интересите на засегнатите страни.