Македонија

Груевски оствари средба со заменик-претседателот на Виетнам

Груевски оствари средба со заменик-претседателот на Виетнам

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, оствари средба со Нгујен Ти Доан, заменик претседател на Социјалистичка Република Виетнам.

Како што соопштуваат од владината прес служба, на средбата беше дадена позитивна оценка за билатералните односи кои се развиваат во духот на почитувањето, и се разговараше за можностите за унапредување на соработката помеѓу двете земји.

Особен акцент беше ставен на унапредувањето на економската соработка, за што од големо значење е и денешното потпишување на Договорот за економска соработка помеѓу двете земји, кои заедно со претходно потпишаните Договор за избегнување на взаемното оданочување и Договорот за заштита на инвестициите, даваат правна основа за интензивирање на односите на економски план.

Соговорниците разговараа и за соработката во областа на образованието при што беше разгледана и позитивно оценета можноста за размена на студенти и стипендирање на студенти од двете земји за студирање на универзитетите од двете земји.

Двете страни разменија мислења и за унапредување на трговската соработка, соработката во областа на земјоделството и прехранбената индустрија.

Соговорниците разговараа и за соработката на мултилатерален план, во рамките на Организацијата на Oбединетите Нации и Организацијата на Франкофонијата.