Груевски: Остварувањето на ветеното е вистината!

Нашиот народ бара одговори и решенија за реалниот живот и потреби. Вие не познавате доволно добро. Креирани големи сценарија и случаи ставани во негативен контекст, како конструкција не е доволно да ја засени нашата работа и делата заради кои не бирате и ни давате доверба.

Ова го истакна вчера премиерот Никола Груевски на масовниот собир во спортскиот центар Борис Трајковски.

-Тие дела се нашиот вистински лик. Во тие дела, проекти, мерки, реформи. Во нив е вистината! Вистината не е некој апстрактен поим, кој сега опозицијата сака да го монополизира и киднапира, мислејќи дека полагаат ексклузивно право на тоа да кажат што е вистина, а што не е. Тие го немаат тоа право. Вистината е во сите нас тука, во сите граѓани, и секој поединечно знае во што може, а во што не може да верува. Вистината е во постапките и чекорите заради кои граѓаните гласале за нас и не бираат 9 години по ред на избори во 9 изборни циклуси. Во делата е вистината! Во проектите е вистината! Во осум ипол годишното деноноќно работење за да се оствари ветеното е вистината! Во реформите, во новите работни места, во изграденото, создаденото, корисното, истакна премиерот.

Тој рече дека кога ВМРО-ДПМНЕ го пушти соопштението од Централниот комитет излегле многу шпекулации заради еден збор во соопштението, а тоа е зборот – борба.

-Ние напишавме – Ќе се бориме. И затоа што тие не се навикнати на таков жаргон, тие си добиваат на тацна сецкани, конструирани, наменети производи кои ги пласираат и мислат тоа е тајната на успехот, и така ќе добијат поддршка од граѓаните, не нападнаа дека којзнае што сме сакале да кажеме. Масакар не направија. Затоа што нели нема слобода во државава и сите се плашат, па не плукаа, конструираа каква борба, на што сме мислеле, многу сме биле насилни, сме повикувале на граѓанска војна. Тоа овие нивните, професионалните, го говореа.
Денес јас ќе им кажам што значи зборот борба, и што значи да се бориш за Македонија, истакна Груевски.

Премиерот вчера испрати порака со која објасни како се сака сопствената држава и што се прави за неа!

-Да се бориш за Македонија значи додека цела Европа намалуваа плати, или пензии или социјална помош, ти не само да не ја намалуваш туку и да ја зголемиш онолку колку што си ветил пред да знаеш дека воопшто ќе надојдат две една по друга кризи во светот и Европа. И притоа да ја задржиш земјата меѓу 5-6 најниско задолжени земји во Европа. И не само тоа, туку и кога малку од малку ќе се ублажи кризата во Европа да имаш трет најголем раст на економјата во Европа, и да се доведеш во ситуација да можеш позитивно да изненадиш со нешта кои не си ги најавил или ветил, а ги правиш, како што ние годинава, социјалната помош наместо за ветените 5 осто, правиме подготовки да ја зголемиме за 10 осто почнувајки од јуни годинава, за да им помогнеш на најранливите категории граѓани во земјата. Да се бориш за Македонија значи да создадеш услови земјата да ја внесеш во топ 30 држави во светот по добри услови за правење бизнис, и со помош на тоа да привлечеш инвеститори кои како никогаш претходно ке отвараат илјадници работни места насекаде низ Македонија.Во досегашниот период во Македонија имаат отворено свои капацитети над десетици и десетици нови фабрики а само во странските капацитети се вработени над 11.000 работници и тој број секојдневно расте, додаде Груевски.

Македонскиот премиер откри дека очекува оваа година уште нови 25 странски компании да донесат и објават одлука за градба на капацитети во Македонија, дел од нив и да почнат со градба и во истите тие капацитети кои планираат да ги отворат да се креираат нови над 13.000 работни места. „Така ние се бориме за Македонија“!-порача Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.