Груевски: Осумте херои кои загинаа можеби спасија 8.000 луѓе од терористите

Ова беа два многу тешки дена. Терористичка група од над 40 добро вооружени лица, нелегално влегла во Македонија, сместена во кумановска населба, спремна за крупни терористички напади врз полициски станици, цивили, спортски натпревари…

Премиерот Никола Груевски вели дека во 28-часовната непрекината борба, според стручните лица во МВР, македонската полиција ја имаше досега најсложената, најтешка и најкомплицирана операција.

-Активноста која професионално и одговорно ја водеше македонската полиција од сите етнички и верски групи- Албанци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи изведе високопрофесионална, патриотска и херојска акција и ги неутрализира терористите кои сакаа дестабилизација на Македонија. За жал осум од нив ги загубија животите.  Длабоко сочувство до семејствата, колегите и пријателите. Загубивме 8 луѓе кои со колегите можеби спречија убиства на 8000 луѓе, рече Груевски.

Премиерот порача дека примерот на загинатите бранители ќе биде водилка за многу генерации, а нивната жртва нема да се заборави.

-Синоќа ги посетив 30- тината полицајци во скопските клиники. Лекарите ме убедија дека брзо ќе се вратат кај семејствата и работните места.  Искажувам јавна почит и благодарност до сите нив. Благодарам и им честитам на сите припадници на полицијата кои учествуваа во најтешката операција на полициските сили на Република Македонија, рече премирот.

Терористите биле агресивни, теренот на кој се криеле е густо населен, а постоела опасност и од повреда на цивили. Тоа дополнително ја влошило и онака сериозната ситуација.

Премиерот се заблагодари и упати голема благодарност за поддржката на здравствените работници кои се вложија себе да им помогнат на полицајците. Груевски упати благодарност и до граѓаните од сите етникуми и вери кои покрај големите гнев и болка не повлекоа чекори за дополнително усложнување на состојбата.