Груевски: Отписот на долгот ќе им помогне на социјално најранливите

Има работи кои можат веднаш да се направат и за нив се пристапува за брзо завршување. Пред изборите ветуваме, а граѓаните ни даваат доверба за тоа. Фер е да се исполни ветеното најбрзо што е можно. Затоа завчера беше изгласано еднократното отпишување на долговите на граѓаните од социјално ранливите категории. Со овој проект се опфатени примателите на социјална и постојана парична помош, невработените кои активно бараат работа 12 месеци и оние кои во несреќни околности го изгубиле својот брачен другар и способноста за плаќање на сметките, истакна премиерот Груевски при гостувањето во Дневник 2 на МРТ1.

Утврдени се условите во законот, ќе бидат вклучени ЕВН, Топлификација, односно новата компанија која доаѓа на нејзиното место, извршителите, нотарите, баните, кредитите под Г и Д категоризација, Радиодифузна такса.

Премиерот потенцираше дека Министерството за финансии силно работело за овој закон да биде прецизен и додаде дека ова било првата точка која се разгледувала во Собранието.

– По носењето на законот во Парламентот и неговото стапување во сила граѓаните ќе имаат 30 дена да се пријават, а потоа ќе бидат детално информирани за целосната потребна документација. Потоа соодветните институции ќе си ја завршат својата обврска, додаде Груевски.

Премиерот исто така истакна дека интересот за соработка на компаниите за овој проект е добар и смета дека не би требало ни во иднина да има непредвидени проблеми.

Тој рече дека со овој проект ќе им се помогне на оние кои се во најтешка состојба и додаде дека тие треба да добијат дополнителна помош.