Груевски: Ова е слободна земја и овде народот одлучува

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во своето обраќање денес уште еднаш потенцира дека  во оваа земја секогаш народот одлучувал а така ќе биде и сега.

Тоа мора да запре. Знам дека многумина од вас ги гледаа изборите како излез од кризата, и во право сте. Само со изборите и препуштање на волјата на народот може кризата да заврши, но што во една ваква ситуација. Јас тврдам дека и во една ваква ситуација, изборите се излез од кризата. Односно се дел од излезот од кризата и тука немам никакви дилеми, а не треба да има и никој друг. Ова е слободна земја, и овде народот одлучувал и ќе одлучи кој може да се справи со неговите реални предизвици и секојдневни потреби и проблеми, кој нуди решенија и кој нуди можности и кој може да помогне да се реализира тоа што на секој најмногу му треба, нови работни места, подобар стандард, повеќе инвестиции во сите области. Тоа е суштината на политиката и тоа е причината зошто некој треба или не треба да добие доверба. Две години сме заложници сите ние, сите вие, неправедно, затоа што покажувате достоинство и гледате јасно што се случува во државата. Некој ве потцени, и тоа е цената на лошата проценка, рече Груевски.

Тој потенцира дека е доста од конфликтност и дека изборите ќе стават крај на агонијата.

Но, времето на конфликтност мора да заврши, тука не се работи за Никола Груевски или Зоран Заев,  тука се работи за секој еден граѓанин, за вас новинарите кои сте пред мене денес, за граѓаните кои ме среќаваат секој ден, за цела Македонија, и затоа ние одлучивме да ставиме крај на агонијата и кризата на ваков начин. Доста беше. Одиме на избори. Одиме на избори и нека победи подобриот, нека победи тој во кого граѓаните имаат поголема доверба.  Ние мора да научиме од своите грешки, но не во насока како што тоа некои го посакуваат, на деструкцијата и гневот да одговориме со уште поголема деструкција. Ние мора да одиме напред и да ја движиме земјата напред. Од минатото да извлечеме поуки, да ги исправиме грешките, затоа што не сме безгрешни, и да продолжиме со тоа што граѓаните го очекуваат од нас, потенцира Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.