Груевски: Оваа власт е марионетска, донесена од други сили, нема држава каде таква опстанала предолго

Актуелната власт е марионетска и инсталирана од други сили кои ѝ овозможија да ги фалсификува локалните избори за да се добие привид дека е многу силна, но не постои држава во светот каде што таквата власт останала долго, изјави во понеделникот вечерта претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој заедно со кандидатот за градоначалник од партијата за Општина Карбинци, Зоран Минов на граѓаните им го честиташе денешниот празник.

Груевски кажа дека биле организирани африкански избори, со застрашување на граѓаните, поткуп, кој беше поддржан од Македонија. Тој додаде дека скршен бил череп на кандидат за градоначалник, убиен носител на советничка листа, следени кандидати на ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа власт којашто сега ја имаме е марионетска власт, неа ја донеса други сили, ја инсталираа во Република Македонија, и овозможија да ги фалсификува локалните избори, за да им личи на граѓаните дека таа власт е многу силна и дека има голема поддршка. Народот знае дека тоа не е така и нема држава во која една марионетска власт опстанала предолго на власт. Таа била употробена додека им требала на надворешните фактори и потоа шутната, потоа казнета и власт која бегала од очите на сопствениот народ. Ттака е тоа со секоја предавничка власт, така ќе биде и со оваа марионетска и предавничка власт“, рече Груевски.

Кажа дека крајната цел е да се разбие секој Македонец кој размислува за својата држава, кој го сака својот јазик и идентитет и преку разни механизми истите да делуваат. Груевски напомена дека сакањето на државата тие сакат да го направат нешто што е немодерно, а, пак, повредни да станат работите како легализација на хомосексуалноста, легализација на марихуана, дрога и масовна употреба на алкохоли.

„Народот ги гледа и допрва ќе ги види, но нема долго да ги издржи, ова нема долго да трае, ќе помине некое време, ќе помине нивната употребна вредност на оние кои ги инсталираа како марионетска власт и народот ќе најде начин да го реши проблемот со овие луѓе, на чело со ВМРО-ДПМНЕ на власт“, уверен е лидерот Груевски.

„Красниќи на слободна, а Едмонд Темелко, човек којшто е борец за човекови права на Македонците во Албанија, тој е во затвор. Убијците на децата во Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а оној јаден дедо за кубење коса, четири години затвор“, спореди Груевски.

Рече и дека немилите настани кои се случени на 27-ми април биле немили сцени кои не требало да ги има, но дека биле намерно испровоцирани. Тој кажа и дека кога гледаат колку криминалци се ослободуваат од затвор и како се апсат овие луѓе тоа е неправда и најави дека целосно ќе се застане зад нив.

„Додека ги прават сиве овие спектакли, економијата тоне, паѓаат девизните резерви на државата, се намалува извозот секој месец, се намалува индустриското производство. Прогнозите за економски раст на секој месец-два се намалуваат, сѐ оди надолу. Просечната плата наместо да расте, како што ветуваа и кажуваа дека ќе има по 500 евра просечна плата, таа се намалува, а колку луѓе се излажаа верувајќи дека ќе добијат 500 евра просечна плата“, рече Груевски.

Додаде дека сепак сегашната власт не заборавила да решаваат работи за редифинирање на името, како што кажа веќе и најавиле дека ќе го решат проблемот на името, по терк на Грција, како што и беше со Бугарија каде што се прифатија. Тој кажа дека ова го прават да не се види големата слика, како што е тонењето на економијата, овие криминални избори.

„Да не дозволиме да завладеат со страв над луѓето, на стравот да одговориме со пркос, со излегување во недела и со гласање за Зоран Минов, масовно, одлучно, достоинствено и со интегритет“, порача Груевски.

Укажа дека кога станува збор за вработеноста во Карбинци, оти во 2006 година имало 280 вработени лица, а на крајот на 2016 година бројот е 550 лица, а тоа се двојно повеќе вработени и нивната основна цел во минатиот период биле отворање на нови работни места. Груевски најави и бесплатен здрав оброк за учениците од прво до петто одделение како и стекнување на сопствен дом на семејствата во Карбинци со симболична почетна цена од 1 евро по квадрат и со ослободување на комуналиите.

„Ќе направиме и ново училиште, ќе ја реконструираме прочистителната станица, а ќе рекунструираме и многу улици во Карбинци, а најмногу од сѐ ќе носиме нови инвестиции за да има нови работни места“, вети Груевски.

Кажа дека нудат концепт во којшто нема неасфалтирана и неосветлена улица и дека нудат концепт во кој секое маало ќе има парк.

„Во Карбинци, ќе се изгради нов сточен пазар, овој зелен пазар речиси е готов, ќе се изгради спортска сала, ќе се изврши чистење и урбанизирање на коритото Козјачка река во село Карбинци. Во програмата предвидуваме изградба на филтерна станица“, додаде Груевски.

Продолжи дека ќе има и изградба на улици и патишта, како и уште многу други коишто се содржани во програма на Зоран Минов, за кого кажа дека е убеден дека ќе направи и повеќе работи од тие што ги има во програмата, како што тоа секогаш го прави ВМРО-ДПМНЕ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.