четврток, 24 ноември 2016  |  Вести денес: 70

Груевски и партиската делегација остварија средби со повеќе лордови и пратеници од Британскиот парламент

Не само што беа партиски средбите, туку тие ги искористивме и да ја промовираме Македонија и да обезбедиме во иднина поголема поддршка за нашата држава од Конзервативната партија која е водечка тука во Велика Британија, истакна Груевски.

gruevski-sredbi-1-640x360-1

Последни вести

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во рамките на својата посета на Лондон, Велика Британија заедно со партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ во чиј состав е членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски и пратениците, Александар Николоски и Владимир Ѓорчев остварија работна средба и ручек со повеќе лордови и пратеници од Британскиот парламент.

На работниот ручек присуствуваа британскиот парламентарец, Џефри Доналдсон кој е пратеник уште од 1997-мата година и член на европската конзервативна група на Велика Британија, лордот Мартин Каланан кој е и член на комитетот за финансиски прашања во Домот на лордови во Велика Британија, лордот Марк Марлесфорд кој е во Домот на Лордовите повеќе од 25 години, пратеникот Даниел Квачински кој е и член на комитетот за надворешна политика, и доскроешен специјален советник на Дејвид Камерун за Централна и Источна Европа, пратеникот Крис Харис, како и пратеничката Шерил Гилан.

Соговорниците разговараа за повеќе теми и области од интерес на Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги информираше присутните за реформите и чекорите кои се превземаат во сферата на економијата, за актуелните политички случувања врзани со политичката криза наметната од опозицијата, исполнувањето на стратешката цел на Македонија за членство во НАТО како и предизвиците кои произлегуваат од мигрантската криза.

По средбата Груевски изјави: „Беше корисно да се биде таму, затоа што слушнаа многу значајни работи, и за Македонија и за регионот и за многу други области. А исто така оваа средба беше корисна и за нас, не само за нашата партија туку и за Република Македонија од причина што дадовме многу податоци и информации за многу позитивни трендови во Република Македонија, но и за многу предизвици и начинот како гледаме на нив и начинот за тоа како треба да се надминат и разрешат“.

Британската пратеничка, Шерил Гилан ја истакна британската поддршка за членство во НАТО алијансата и ги поздрави позитивните економски резултати на државата.

„Се надевам што побрзо да и посакаме добредојде на Македонија во семејството на НАТО. Пред неколку години кога прв пат сретнав со премиерот Груевски работејќи во Европската банка за обнова и развој, бев импресионирана за неговите планови во економијата и она што сакаше да го направи на планот на намалување на невработеноста. Задоволство ми е што имав прилика да се сретнам повторно во Велика Британија и да чујам за неговите успеси во економијата и особено што успеа да ја намали невработеноста од огромни 38 проценти, на 24 проценти. Сите знаеме дека тоа е важно за сите граѓани. И се надевам дека ќе биде успешен и во иднина помагајќи да се забрза економскиот развој. Трговската размена е добра со Велика Британија, и имам одлични очекување за иднината. Во поглед на НАТО, македонските трупи се рамо до рамо во мисиите со војниците на НАТО и тоа е добро за иднината на државата и целта за членство во НАТО“ – изјави Гилан.

Лордот Каланан ги посочи потенцијалите за соработка и позитивните впечатоците од економските реформи кои се спроведуваат во насока на подигнување на стандардот кај граѓаните.

Каланан истакна: „Можностите за соработката се високи и одлични. Го респектираме правото на Македонија да влезе во ЕУ и НАТО. Се надевам дека ќе соработуваме во таа организација. Импресиониран сум од економските реформи кои ги спроведувате и економскиот прогрес кој го постигнувате. Во поглед на мигрантската криза ја почитуваме вашата одлука да ја затворите границата во поглед на мигрантите и се радувам што сте на вистинската страна на Европа, наместо да бидете центарот на проблемот. Конечното решение треба да се бара во решавањето на проблемот во Сирија, но ние исклучително ја цениме вашата досегашна помош”.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се сретна со Дејвид Лидингтон кој е актуелен лидер на Долниот Дом на Британскиот Парламент, и е доскорешен британски државен министер за Европа. Соговорниците разговараа за можностите за соработка, за актуелните случувања во Република Македонија и предизвиците со кој се соочува.

По средбата Груевски изјави: „Лидингтон ја посети Македонија од позиција министер во Владата на Англија, а сега е на висока позиција во Британскиот парламент и имавме разговор со него, со човек кој што има можеби најголемо знаење за Република Македонија, го информиравме за актуелните случувања, перспективите до изборите, но и после изборите што треба и може да се очекува. Ги слушнавме неговите размислувања и информации, така што направивме се што можеме да ги пренесеме сите точни вистинити информации и размислувањата како се доаѓа до чекорите кои ги правиме или чекорите кои ги носиме или планираме да ги имплементираме”.

Во текот на вчерашниот ден претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски имаше средба и со претседателот на владејачката и најголема партија во Велика Британија, Конзервативна партија Патрик Меклоглин и потпретседателот на Конзервативната партија Марк Филд.

Груевски за состанокот изјави: „На средбите во конзервативната партија бевме со цел да воспоставиме добри релации со оваа партија, но и да информираме за Република Македонија, да дадеме прецизни информации на политички и економски план, да отвориме нови перспективи на соработка и да прецизираме за многу детали кои што не се познати тука. Така што станува збор за корисни средби со највисоките личности на партијата на кои што детално ги информиравме за сите состојби во Македонија, предизвиците со кои што се соочува и за она што може да го очекуваат и следува во нашата земја. Не само што беа партиски средбите, туку тие ги искористивме и да ја промовираме Македонија и да обезбедиме во иднина поголема поддршка за нашата држава од Конзервативната партија која е водечка тука во Велика Британија”.

Најчитани вести