Груевски: Подготвени сме за ЕУ и НАТО кога ќе не прифатат какви што сме

Подготвени сме да се придружиме на ЕУ и на НАТО тогаш кога и тие ќе бидат подготвени да не прифатат такви какви што сме, и тоа што сме, вели во годишното обраќање премиерот Никола Груевски говорејќи за надворешната политика на Република Македонија.

„Ние нема да застанеме, ние ќе работиме, ние ќе се однесуваме европски, и ние сме и ќе останеме спремни за да и се придружиме на ЕУ и на НАТО тогаш кога и тие ќе бидат спремни да не прифатат тие што сме, и тоа што сме“, вели премиерот.

На надворешен план, како што додава, имавме многу предизвици.

„Го добивме петтиот по ред позитивен извештај од Европската унија, кој ни ја овозможи и петтата по ред препорака за почеток на преговорите за полноправно членство. Сепак, и овој пат на Македонија не и беше дадено заслуженото од причина што ЕС неможе да обезбеди консензус од сите земји членки, за што главна причина е барањето за промена на уставното име на земјата, и името на македонскиот јазик и нација, од една земја членка, која своето членство го користи и недозволува придвижување на Македонија ниту во НАТО ниту во ЕУ“, истакнува Груевски.

Имајќи во обзир, како што подвлекува премиерот, дека нашиот јужен сосед се соочува и со тешка финаска криза, која може да го доведе во прашање и кредибилитетот на  еврото како заедничка валута на поголемиот дел од земјите членки, напорите на сите поважни земји членки во моментот се фокусирани на тоа прашање.

„И повеќе од очигледно е дека барем засега немаат намера да вршат притисок на нашиот јужен сосед по било кое друго прашање освен финасиските, а без таков притисок шансите за решение се минорни“, додава тој.

Одтука, како што посочува Груевски, Македонија ќе продолжи со сите напори за спроведување на своите внатрешни реформи кои ќе ја зголемуваат нашата сила и кредибилитет, и истовремено ќе продолжи со максимални обиди за изнаоѓање решение за спорот кој го наметна нашиот јужен сосед, но без нереални очекувања или паѓања во колективни депресии по прашањето што кажал овој или оној за нашето име, јазик или нација, или разните притисоци преку разни извештаи за Македонија или внатрешнополитички предизвици, кои треба да не деморализираат.