Груевски поднесе кривична за клевета и навреда против Заев

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски  поднесе тужба за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда. Зоран Заев на суд ќе треба да си бара оправдувања за своите лаги и конструкции и клевети со кои го клевети во минатите денови дека земал ќеш 1,5 милони евра и разни други измислици, рече денеска Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ.

„СДСМ и нивниот лидер Зоран Заев дојдоа до дното. СДСМ се служи со фалсификати и лаги за да се спаси од огромниот изборен пораз. Во нивните постапки се гледа само очај, паника, страв, гнев и омраза. Прво што сакаме да истакнеме, т.н. документ кој денес Зоран Заев го покажа е класичен, груб, но и смешен фалисфикат. Тоа лесно се докажува бидејќи партискиот печат кој е искористен на документот е прогласен за неважечки уште во 2004 година. Печатот е пријавен и прогласен за неважечки. До Основниот суд во Скопје на 15.10.2004 година од наша страна е доставен Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и опис како ќе изгледа новиот печат. Судското решение е издадено на 02.11.2004 година. Ова е непобитен доказ дека она што Заев го приложува денес не е печатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е стар печат кој го користело поранешното, старо раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Димовски.

Тој објасни лицето на кое се повикува Заев е осуден на шест години затвор поради фалсификување на документи, даночно затајување и перење пари и обврзан да им врати 27 милиони денари на лицата кои ги оштетил.

„Значи, Зоран Заев излегува на прес конференција со фалсификуван документ на кој што стои печат кој две години претходно е поништен, во време на расколот, кога истиот исчезна од партијата и со наводна каса-прими на која стои дека е од лице кое во време на ВМРО-ДПМНЕ е осудено од страна на Врховен суд за фалсификување на документи, за даночно затајување и за перење пари и е лице кое е во бегство. Дополнително на наводната каса прими има измислен потпис“, вели Димовски.

Димовски вели дека СДСМ ги потценуваат граѓаните презентирајќи, како што тврди тој, фалсификати и монтажи.