Груевски: Последните две недели четири компании донесоа одлука за инвестирање

Добрите бизнис услови не само што дадоа поттик на македонското стопанство, туку беа и сигнал во странските мултинационални компании дека Македонија е новиот инвестициски рај и оти тука треба да ги отвораат своите нови фабрики, истакна Претседателот на Коалицијата „ За подобра Македонија“ Никола Груевски.
Ние во нашата програма ветуваме дека во наредните четири години ќе се отворат минимум 30 нови фабрики во слободните економски зони, со минимум 10.000 нови вработени и оти во наредните 4 години ќе работиме на отворање на најмалку 64 илјади нови работни места во Македонија што ќе претставува ново намалување на невработеноста за 6 проценти, рече Груевски и подвлече дека во последните две недели има 4 нови компании кои донесоа одлука да инвестираат во Македонија.

Доказ за разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ според Груевски, се и исплатените субвенции за земјоделците што за наредните четири години ветува ќе изнесуваат 600 милиони евра и остварениот половина милијарда евра извоз од Македонија на земјоделски производи.

Според Груевски, и во однос на одлуката за отворање Универзитет во Штип има разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои се противеле на идејата на ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозициска партија.

– Знаев дека овој Универзитет ќе биде успешен и тој за неколку години стана втор највисоко рангиран во Македонија, а Штип стана сериозен крупен уиверзитетски град, рече Груевски, набројувајќи ги инвестиците значајни за Штип и регионот во изградба на автопатот Скопје-Штип, клиничката болница, карго аеродрoм.

Груевски направи споредба и со исплаќањето пензии. – И пензионерите знаат што е да има разлика, затоа што во време на СДСМ ниту еднаш не им беа зголемени пензиите. Ние им ги вративме 8-те проценти, а просечната пензија порасна за 64 проценти, рече Груевски, посочувајќи на предвиденото во програмата за зголемување на пензиите, социјалната помош и платите на администрацијата за 21,5 проценти во наредните четири години.