ТОП,Политика

Груевски: Предвидуваме 600 милиони евра за поддршка на македонските земјоделци

Груевски: Предвидуваме 600 милиони евра за поддршка на македонските земјоделци
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници од Коалицијата „За подобра Македонија“ во Изборната единица четири Никола Груевски  денеска на средба со жителите во струмичкото село Просениково најави три нови инвестиции, нагласувајќи дека отворањето нови работни места и привлекувањето инвестиции останува во фокусот на нивната работа.

– Три компании денеска објавија дека ќе инвестираат во Македонија, едната во Скопје, втората во Неготино, а третата во Крушево. Секоја недела веќе, или секоја втора недела, се објавуваат нови инвестиции, тоа се и нови работни места, а тоа значи и намалување на невработеноста. Невработеноста е проблем и на вработените, оти со намалувањето на бројот на невработени ќе се создаде конкуренција на пазарот на труд и зголемување на платите, изјави Груевски.

Како што рече тој, не случајно откога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, значително пораснала просечната плата. Најави дека во следните четири години ќе се отворат најмалку 70.000 нови работни места. Досега, рече, се отворени 160.000 места, а само последните две и пол години, откако започна политичката криза, вработени се речиси 40.000 луѓе.

2gruevski

– Ако за две и пол години успеавме да вработиме 39.000 луѓе и да отвориме 39.000 нови работни места, тогаш во наредните четири години ќе успееме да отвориме 70.000 нови работни места, рече Груевски.

Образложувајќи ги проектите од Изборната програма „Реално“, Груевски се осврна на проектите во областа на земјоделството при што истакна дека од преземањето на власта во 2006 до денес Владата е постојан сојузник на земјоделците бидејќи прва ги вовела субвенциите во земјоделството. Ги најави проектот за воведување на системот „капка по капка“ и набавка на високоприносен добиток за чија набавка земјоделците ќе бидат субвенционирани од државата со покривање  80 проценти од трошоците, како и проектот „Земјоделски професионален советник“ кој, како што истакна, ќе обезбеди стручни совети за земјоделците за зголемување на приносите и навремено ориентирање кон исплатливи земјоделски култури.

1gruevski

– Предвидуваме 600 милиони евра за поддршка на македонските земјоделци преку субвенции и други проекти, зголемување на субвенциите на 60 отсто за набавка на трактори, механизација и подигање насади. Ветуваме доделување на неповратни средства во висина до 10.000 евра за младите претприемачи кои влегуваат во земјоделскиот бизнис. Во насока на нови вработувања ќе воведеме и проект „Рурални развојни зони“ во населени места кои се на листата на рурални подрачја, посочи Груевски.

За жителите на Просениково  најави дека се планира изградба на прв дел од локалниот пат Дабиље – Просениково, изградба на фекален канализациски систем за Просениково и Дабиље, инвестиција вредна 550.000 евра, реконструкција на постојната каналска мрежа, на хидромелиоративниот систем „Турија“ со инвестициска вредност од еден милион евра.

3gruevski

Посочи дека селото Просениково ќе биде опфатено со проектот „Рурални развојни зони“, чија цел е да се поттикне економскиот и општествениот развој, да се креираат нови работни места и да се спречи миграцијата од село во град.

Груевски при посетата нагласи дека единствена гаранција дека кризата ќе заврши и дека, како што рече,  нема да се обидат да ја пролонгираат од страна на СДСМ, е ако ВМРО-ДПМНЕ добие цврста поддршка и 63 пратеници во Парламентот.

4gruevski

– Тоа е главната гаранција дека државата влегува во мирни води и ќе се посвети на економскиот развој и на реформите. Ако немаме 63 пратеници, сигурен сум дека Заев и неговите сценаристи пак ќе се обидуваат да ја пролонгираат кризата за да ги остварат своите замислени планови. Но, јас сум цврсто уверен дека овој народ тоа добро го препозна и дека најсоодветно ќе реагира на 11 декември во недела со масовно излегување и поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, рече Груевски.