Груевски: Преговори со странска компанија која ќе отвори 5.000 работни места

Во завршна фаза се преговорите со една странска компанија која што сака да инвестира во североисточниот дел на земјата и планира да отвори четири до пет илјади работни места.

Ова доцна синоќа го најави премиерот Никола Груевски во гостувањето во емисијата „Јади бурек“.

„Во овој момент не можам да ја кажам ниту фирмата, ниту да откријат детали, бидејќи преговорите се’ уште не се завршени“, рече Груевски, кој најави дека доколку се реализира оваа инвестиција тоа ќе значи препород на овој дел од земјата.

Зборувајќи за платите во компаниите на странските инвестиции, тој истакна дека на почетокот можеби платите се пониски, но добро е што воопшто се зборува за тоа, бидејќи до пред некоја година не можеше да се забележи компанија која што отвора и до четири илјади работни места.

Тој смета дека со доаѓањето на повеќе инвеститори, ќе се зголеми конкуренцијата, а со тоа ќе има услови и за зголемување на платите.