Груевски: Преку 100 милиони евра инвестирани во спортската инфраструктура, доделени 3800 спортски стипендии

Годинава ќе бидат доделени уште 500, така што бројот ќе надмине 4.300. За нив досега се инвестирани над 2,5 милиони евра, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој денеска ја посети локацијата каде што се гради училишна спортска сала за ОУ „Кирил и Методиј“ во центарот  на Скопје.

– Мерката „Спортска надеж“ за млади спортски таленти  ја применуваме веќе неколку години и тоа е уште едно ветување што го остваривме. Одлуките кои ќе ги добијат стипендиите ги носат самите федерации, бидејќи тие најдобро ги следат младите спортисти и точно знаат кои од нив се најнапредни, најнадежни, најталентирани. На тој начин Агенцијата за млади и спорт во десет месеци од годината им исплаќа 20 проценти од просечната плата во Македонија како поддршка за нивниот напредок, тренинзите и за се она што им е потребно, а што е зголемен трошок за родителите чии деца се занимаваат со спорт и се талентирани, изјави Груевски.

Нагласи дека во спортот доосега се инвестирани повеќе од 100 милиони евра во инфраструктура и потсети на новите четири мерки во областа на спортот кои ги најави минатата недела.

– Тие сериозно ќе придонесат во директното финансирање на спортот, спортските кклубови, спортските федерации, на спортистите и тоа ќе биде голема помош за нив, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.