Груевски: При крај се преговорите за нова инвестиција во струшко-охридскиот регион

Објава на нова инвестиција во струшко-охридскиот регион наредната недела очекува премиерот Никола Груевски, кој денеска во Штип изјави дека се преговара со повеќе компании, пренесува МИА.

– Во завршна фаза на преговори сме со повеќе компании. Се надевам дека компанија којашто во март-април годинава неформално ни кажа дека донеле интерна одлука да инвестираат очекувам во текот на следната недела да ја објави одлуката и акцискиот план за градба на фабрика. Се работи за компанија која планира да инвестира во регионот на Струга и Охрид, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Штип.

Премиерот информира дека се близу до успешно завршување на преговори за уште една инвестиција во северозападна Македонија, со неколку илјади вработувања.

– Блиску сме до успех со една компанија која треба да инвестира во северозападна Макеоднија. Се работи за неколку илјади вработувања, но се уште не ни се завршени преговорите, така што не можам да го потврдам тоа во овој ммент. Во длабока фаза сме на преговори или фудбалски кажано во 89 минута на натпреварот, но тој трае 90 или повеќе минути така што не е добро предвреме да се каже нешто, рече Груевски истакнувајќи дека се блиску до завршување на преговори со уште неколку други компании во повеќе делови на државата.

Груевски додаде дека Владата е многу посветена  на привлекувањето странски инвестиции и дека  има резултати.

– Многу сме посветени на ова прашање и многу работиме. Огромен дел од нашата енергија ја посветуваме на ова и доаѓаат резултати. Кога нешто сакаш и се бориш зауспех, резултатите доаѓаат, укажа премиерот.

Во теков на неделава компаниите Гентерм и Капкон објавија инвестиции во Скопје и во Прилеп, а според премиерот добро е што и двете планираат брза реализација на инвестициите.

– Гентерм е компанија којашто во првите три години ќе вработи илјада луѓе, а потоа уште илјада, вкупно 2.000 во Прилеп. Ќе овозможи вработување на многу лица кои моментно немаат работа, ќе произведуваат делови од автомобилската индустрија, наведе Груевски.

Со инвестицијата на Капкон, пак, која во производствен погон во Скопје ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња, исто така, од автомобилската индустрија, посочи дека ќе овозможи 400 вработувања.

– Таа е од висока технологија, така што ќе има и додатна компонента. Осумнаесет милиони долари е инвестицијата. Добро е и што двете брзо планираат да почнат со градба. Некаде напролет ќе почне градбата на двете фабрики. Едните веќе почнаа да регрутираат вработени за почетоци и тренинзи и ме радува што се заврши оваа работа, изјави Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.