Груевски: Приказната со слободата на медиумите е еден надуен балон

„Приказната со слободата на медиумите е еден надуен балон во недостаток на силна опозиција и креативна опозиција која ќе се бори на реални теми и основи, а не на надуени теми. Tаа теза се користи за политичка битка и таа стана политичка тема, но тоа е нивно алиби за поразите кои се базирани на нивните неработа и непосветеност, на нивната неискреност кон народот и безидејност,“ вели Груевски во интервјуто за МИА и продолжува:

„Ако денес во Македонија  некој ја проблематизира состојбата со медиумите, во ера на многу национални и локални  телевизии, на сателитски  телевизии, на национални и локални радиа, како и во ера на многу интернет портали и дневни весници,  зошто истите тие луѓе молчеа кога Македонија се на се имаше три медиуми: една телевизија тоа беше МТВ, и два весника Нова Македонија и Вечер. И ако ова сега е диктатура, што како квалификација е апсолутен нон сенс, што било тоа тогаш, кога владееле актуелново раководство на СДСМ заедно со Црвенковски и истите збор не ги слушнавме да кажат нешто за демократија. Ова е уште еден доказ дека тоа што го зборуваат се дневно политички измислици и памфлети.

Згора на ова, ВМРО-ДПМНЕ победи на избори во 2006-та година во крајно лоши услови на поддршка во медиумите. Жалам што ја претворија во политичка тема која и штети на државата, тоа е факт. Една структура на луѓе која беше финансиски моќна и со добри интернационални контакти се обиде и до некаде успеа да ја продаде приказната дека медиумите на Велија згаснаа заради нешто друго, а не заради тоа што газдата им беше до гуша во криминал и не плаќаа даноци. Затоа ќе продолжиме да работиме со сите сили на унапредување на средината, за тоа треба  поддршка и од фелата, ама искрена и без ракавици и задкулусни игри, да се работи, а не да се одработува како што некои од нив прават.

Тврдам дека онолку работи колку што ние имаме направено во оваа сфера како декриминализација, нов Закон за медиуми за кој преставникот на  ОБСЕ рече дека е одличен, повторувам одличен, мене лично ми го кажа тоа на состанокот во Владата пред десет луѓе, а во слична форма го кажа и во јавноста па се соочи со гневот на тие кои одработуваат, а не работат.  Не се виновни медиумите, не се согласувам со тезите за провладини медиуми, не се согласувам со навредите кои ги пласираат дел од таа заедница кон други новинари  и обратно. Ние добро знаеме што значи неслобода на медиуми, ние бевме соочени со коплметно контролирани медиуми кои наместо новинарство тераа пропаганда од најдолен вид, со навреди, клевети, жестоки навреди, не ни пуштаа деманти на нивните лаги и конструкции, ако сте квалитетни како партија медиумите ќе ви даваат простор, тоа сигурно го знам, ако нудите мерки за подобрување, ако се борите во чиста политичка борба. Ова не значи дека не постои простор за понатамошни подобрувања во оваа сфера. Ние планираме да продолжиме со реформи кои ќе ја зајкнат слободата и стабилноста на медиумите. Сечии добронамерен предлог е добредојден, а пред се добрите примери во понапредните земји на ова поле.“