Груевски: Припадниците на АРМ можат да дојдат до сопствен дом под исклучително поволни услови

Под исклучително поволни услови, со директна поддршка на државата и Министерството за одбрана, на припадниците на АРМ им се дава можност да дојдат до сопствен стан.

 

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на првата зграда со станови за припадници на Армијата на Република Македонија, како дел од проектот „АРМ – мој вистински дом“.

 

„Мене ми е задоволство што започна да се реализира овој проект кој што го зацртавме од поодамна. Имаше пречки во минатото за неговата реализиација, но тие се надминаа и сега голем број на воени лица, на официери, подофицери, војници и така натаму ќе можат да го решат своето станбено прашање“, рече Груевски.

 

Потенцираше дека ова било ветување, најпрво во партиската програма пред изборите, а потоа и во владината програма и изрази задоволство што овој проект започна да се реализира.

 

„Голем број на војници ќе го решат своето станбено прашање и ќе имаат убави услови со многу поволни услови, затоа што со овој проект практично им се дава можност на многу поевтин начин да дојдат до сопствен стан, во ситуација каде што Министерството за одбрана ги покрива трошоците за камата, се дава на мошне поволни услови и долг период од 20 години отплата, месечните рати се ниски зависно од големината на станот- помеѓу 4.500 и 11.000 денари месечно, зависно колку е голем станот. Така што под исклучително поволни услови, практично со директна поддршка на државата и Министерството за одбрана им се дава можност да дојдат до сопствен стан“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Инаку, според последните објавени податоци од Министерството за одбрана, досега се пријавиле над 250 припадници на Армијата кои се заинтересирани да го решат своето станбено прашање преку овој проект.

 

Цените по кои што ќе се купуваат становите се еднакви на градежната цена на станот, а ќе се отплаќаат на 240 месечни рати. Купувачите на становите ќе треба обезбедат 20 проценти учество.

 

Освен изградбата на станови во Скопје, предвидено е станови да се градат во Велес, Прилеп, Штип и Куманово.